Кошаркарите на Голден стејт Вориорс се на чекор до одбрана на титулата во НБА лигата, откако славеа и во третиот меч од серијата против Кливленд Кавалирс.

Вориорс, како гости, славеа во Охајо со 110:102. Кевин Дурент одигра блескава партија со постигнати 43 поени.

Голден Стејт со својот најдобар дефанзивец Андре Игудала пристигна на натпреварот во Кливленд. Игудала поради повреда не играше на првите два натпревари, а ја пропушти и серијата против Хјустон. Иако Игудала играше, Кливленд во првиот дел без многу проблеми ја решаваа одбраната на Вориорси. Кавалирс ја наметнаа својата игра, водеа во првиот период, но Вориорс со тројките на Кари и Томпсон по 12 минути игра имаа само поен негатива.

Кливленд повторно се одвои од противникот во вториот дел со серија 6:0, а на четири минути до полувремето домашните кошаркари имаа предност од 13 поени. Меѓутоа Дурент постигна тројка во последната секунда од вториот период и намали на 58:52.

Третата четвртина гостите ја отворија со серија 3:13, стекнаа предност од пет поени и од тој момент па до самиот се играше поен за поен. На три минути до крајот Кари, кој имаше ужасна шутерска вечер, погоди најпрвин за два, а потоа и за три, а мечот го реши Дурент со тројка на 50 секунди до крајот, кога Вориорс стекнаа 100:106.

Дурент блескаше кај Вориорс со 43 поени и 13 скока, Кари постигна 11, а Грин, Мекги, Томпсон и Бел уфрлија по 10 поени.

Кај Кливленд Леброн Џејмс имаше учинок од 33 поени, 10 скока и 11 асистенции, а Кевин Лав постигна 20 поени.

По мечот кралот Џејмс изјави дека е разочаран од резултатот, но кажа дека Дурент го решил мечот.

Четвртиот натпревар ќе се одигра в сабота, повторно на теренот на Кливленд.