Кошаркарската федерација на Македонија објави конкурс за доделување вајлд-карта. На тој начин ќе биде пополнето испразнетото место во машката Супер лига за сезоната 2026/27, откако тимот на КК Чаир во процесот на лиценцирање беше утврдено дека не ги исполнил условите предвидени со правилниците и актите на федерацијата за настап во највисокиот ранг на натпреварување.

Во новата сезона според пласманот, но и по исполнување на условите ќе настапуваат следните екипи: МЗТ Скопје Аеродром, Маџари, Пелистер, ТФТ, Кожув, Тиквеш Голден Игл, Куманово, Работнички и Струмица 2001, која беше првак во Првата лига во ланската сезона.

КК Чаир 2030 не е исклучен од натпреварувачкиот систем, туку има можност да настапува во Првата лига доколку ги исполни сите финансиски, административни и лиценци обврски пропишани од федерацијата.

Согласно одлуката на Управниот одбор, клубовите од понизок ранг ќе можат да конкурираат за испразнетото место преку системот на вајлд-карта. Поднесувањето пријава не гарантира автоматски пласман во Суперлигата, а сите заинтересирани ќе треба да ги исполнат организациските, инфраструктурните, финансиските и административните критериуми за настап во елитата. Клубот што ќе ја добие вајлд-картата ќе треба да уплати надоместок од 40.000 евра во денарска противвредност на сметката на федерацијата, што претставува задолжителен услов за добивање право на настап.

Пријавувањето ќе трае од 10 до 20 август 2026 година, по што Комисијата за лиценцирање ќе ја разгледа доставената документација. Конечната одлука за пополнување на испразнетото место ќе ја донесе Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија.