Претседателот на Здружението на сточари од Кичевско Ајрадин Бајрами изјави дека сопствениците на матични стада овци во кичевијата се крајно разочарани од инертниот однос на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи се уште не им се исплатени премиите за 2020 година, кои вообичаено се префрлаа на нивна сметка до крајот на февруари.
Годинава, истакна Бајрами, се соочуваме со најголеми проблеми во одгледувањето на матичните стада овци. Голем проблем ни претставуваат се уште неисплатените субвенции за 2020 година, што требаше да легнат на наша сметка уште во февруари. Дефицитот на средства ни ја отежнува работата нормално да функционираме и затоа не треба да чуди намалениот интерес за одгледување на овци во нашиот регион, рече Бајрами и потенцира исто така дека е зголемена откупната цени на годинешното јагне, откако ги продадоа годинешните јагниња.
-Кога беа за продажба нашите јагниња кон средината на март, цената на откупувачите се движеше од 135 до 140 денари за килограм жива мера, а денес кога во целост го продадовме годинешното јагне, цените се подигнаа и се движат од 170 до 180 денари, како да се чекаше да го продадеме нашето јагне за потоа да можат да речат дека цените и не биле така ниски во споредено со претходните години. Сите трошоци се зголемени од храната до лекарствата, единствено нашите приходи се намалени и ако продолжи оваа агонија и ние ќе завршиме со одгледување на овци, додава Бајрами.
Тој рече дека ако во блиска иднина не бидат исплатени субвенциите за минатата година, тие ќе ги блокираат патиштата за да ја потсетат Владата на обврските кои ги презема кон нив.
Јагнешкото во продавниците во Кичево се движи од 350 до 400 денари за килограм.