Украина значително ќе го намали дипломатското присуство на Иран во земјата како одмазда за испораките на оружје од Иран за Москва, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Ова беше соопштено на денот кога во рускиот напад со ирански беспилотни летала во Одеса загина едно лице.

– Како одговор на таквиот непријателски чин, украинската страна одлучи да ја повлече акредитацијата на иранскиот амбасадор во Украина и значително да го намали бројот на членови на дипломатскиот персонал во иранската амбасада во Киев, соопшти украинското МНР.

Одлуката му била пренесена на иранскиот вршител на должноста во Украина, кој бил повикан во министерството.

– Иранската страна е информирана дека испораката на иранско оружје за Русија … директно противречи на позицијата на неутралност, почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, соопшти Министерството.

– Да и се даде оружје на Русија за да води војна во Украина е непријателски чин што задава сериозен удар на украинско-иранските односи, се додава во соопштението.

Еден цивил загина во руски напад со помош на ирански дронови врз пристанишниот град Одеса во јужна Украина, соопшти украинската војска.

Иранскиот дрон Шахед-136 беше соборен над морето за време на тој напад. Армијата соопшти и дека соборила беспилотно летало Мохаџер-6 од иранско производство во друга зона.