Илјадници луѓе денеска во Киев протестираат против планот на претседателот Володимир Зеленски за одржување локални избори во источниот дел на земјата, каде се водат борби со проруски сили, затоа што сметаат дека тоа е голема отстапка за Русија.
Украина, Русија и медијаторите, Германија и Франција, во вторникот потпишаа договор со проруските борци за отцепување на Донбас во источна Украина, кој предвидува одржување локални избори во регионот каде пет години трае судирот меѓу сепаратистите и украинските сили, во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе.
Многумина сметаат дека потпишувањето на овој договор е чекор напред кон спроведување на мировниот Договор во Минск, потпишан во 2015 година под покровителство на Франција и Германија.
Договорот од Минск предвидува Украина да ја врати целосната контрола над својата граница со Русија, но откако регионите со мнозинство руско население добијат широка автономија и одржат локални избори.
Одредбите од договорот од Минск за широка автономија наидоа на критики во Украина, што беше пречка за спроведување на договорот кој Зеленски сега се обидува да го оживее.