Во екот на борбата против продлабочената криза и ширењето на коронавирусот, лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, денеска најави дека ќе се залага за натамошно подобрување на односите со Кина, која е главен сојузник на Пјонгјанг.

Во честитката испратена до кинескиот претседател Си Џинпинг по повод 100-годишнината од основањето на Комунистичката партија на Кина, Ким ја потврди својата посветеност на односите со моќниот сосед, објавија севернокорејските медиуми.

– Работничката партија на Северна Кореја, со своето силно единство со кинеската Комунистичка партија, го зголемува пријателството меѓу двете земји на нова стратешка точка, согласно времето и желбите на народите од двете земји, изјави Ким.

Пораката на Ким е испратена веднаш откако државните медиуми објавија дека на состанокот на моќното севернокорејско партиско Политбиро било потврдено дека „клучниот“ неуспех во кампањата против коронавирусот предизвикал „голема криза“.