Кина усвои амандман на Законот за планирање на семејството што им овозможува на двојките да имаат три деца, како дел од обидот да спречи демографска криза, пренесува Радио Слободна Европа.
Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес вчера ги усвои измените на законот, како дел од повеќедеценискиот напор на владејачката Комунистичка партија да ја диктира големината на семејствата во согласност со политичките директиви.
АП потсетува дека од осумдесеттите години на минатиот век, Кина строго ја ограничи големината на семејството на само едно дете за повеќето парови, спроведувајќи таква политика со закани за парични казни или губење на работа, што доведе до злоупотреби, вклучително и принудни абортуси, пренесува РСЕ.
Претпочитањето на синови доведе до сексуално селективни абортуси, што создаде огромна нерамнотежа во односите меѓу половите.
Правилата првпат беа олабавени во 2015 година, кога на родителите им беше дозволено да имаат две деца.
Најнаселената земја во светот долго време ја фалеше политиката за едно дете како инструмент со кој се спречи раѓање на околу 400 милиони бебиња, што значи заштеда на ресурси и зајакнување на економскиот раст.
Меѓутоа, наталитетот во Кина, паралелно со трендовите во Јужна Кореја, Тајланд и другите азиски економии, веќе паѓаше и пред правилото за едно дете. Според Светската банка, просечниот број на деца по мајка се намалил од шест во 1960 -тите на под три до 1980 година.
Во меѓувреме, работоспособното население на Кина се намали во последната деценија.
Според владиниот попис што се спроведува на секои десет години, популацијата се зголеми на 1,411 милијарди луѓе минатата година, наспроти 72 милиони во 2010 година.
Статистиката покажува дека минатата година се родиле 12 милиони бебиња, што е за 18 проценти помалку отколку 14,6 милиони во 2019 година.
Кинезите постари од 60 години учествуваа со 18,7 проценти во вкупното население во земјата во 2020 година, што е за 5,44 процентни поени повеќе отколку во 2010 година. Во исто време, процентот на работоспособни граѓани се намали на 63,3, од вкупно 70,1 проценти колку што беше на пописот пред една деценија, пренесува РСЕ.