Разговорот помина во многу добра клима, кога би можел да го карактеризирам би рекол дека имаше и исти гледишта и јасни објаснувања, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому во интервјуто за телевизијата „Скај“, говорејќи за телефонскиот разговор меѓу премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконому објасни дека вчерашниот разговор бил по иницијатива на грчката страна, меѓутоа имало слични размислувања и од Турција и додаде дека Мицотакис и Ердоган акцентот го ставиле на ситуацијата во Авганистан и евентуалните бегалски и мигрантски бранови во регионот.

-Имаше исти гледишта за целата ситуација, но и јасни објаснувања од грчка страна дека секако, треба да видиме како можеме да ги поддржиме земјите што се блиску до Авганистан за луѓето, бегалците и мигрантите да бидат блиску до нивните домови за доколку се создадат услови да се вратат назад. Но, и покрај тоа, јасно е дека ниту Турција не сака да има масовни бранови на нејзина територија, тоа го кажа и Ердоган пред четири пет дена, а е целосно јасно дека и Грција веќе целосно има сменето и правец и филозофија во однос на она што важеше пред четири пет години, рече Иконому.

Уште еднаш повтори дека во никој случај Грција нема да ги живее оние „хаотични сцени од 2015 година“ и додаде дека оваа порака се испраќа насекаде и во Европа и до трети земји.

Портпаролот на грчката Влада, во интервјуто истакна дека е добро да постои комуникација на највисоко ниво, а во телефонскиот разговор станало збор и за климатската криза и за пожарите кои ги зафатија и Турција и Грција.