Кина ги обвини САД дека испраќаат многу погрешни, опасни сигнали до Тајван, откако американскиот државен секретар вчера му кажа на својот кинески колега дека одржувањето на мирот и стабилноста во Тајван е од витално значење.
Тајван беше во центарот на 90-минутните, директни и искрени разговори меѓу државниот секретар Eнтони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, информира американски претставник.
– Од наша страна, државниот секретар јасно стави до знаење дека, во согласност со нашата долгогодишна политика на една Кина, која не е променета, одржувањето на мирот и стабилноста во тајванскиот теснец е од витално значење, рекол изворот.
Кинеското Министерство за надворешни работи, во соопштението за средбата информира дека САД испраќаат многу погрешни, опасни сигнали до Тајван и колку поотворени се активностите за независност на Тајван, толку е помала веројатноста за мирно решение.
– Прашањето за Тајван е внатрешно прашање на Кина и САД немаат право да се мешаат во тоа кој метод ќе се користи за да се реши, рекол Ванг.
Тензиите околу Тајван се зголемија по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси во август – проследена со големи кинески воени вежби – како и по ветувањето на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе го брани демократскиот остров.