Тајванските власти денеска соопштија дека 38 кинески воени авиони влегле во зоната за воздушна одбрана на островот, што е најголем упад на Пекинг досега во нивните децениски затегнати односи.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека авионите, вклучувајќи и бомбардерите со нуклеарен капацитет, вчераутро и синоќа во два наврати влегле во таканаречената Идентификациска зона на воздушната одбрана (Адиз), пренесуваат француските медиуми.
Демонстрацијата на сила следи само неколку дена откако Пекинг ја обвини Велика Британија дека со лоши намери испратила воен брод на Тајванскиот теснец.
„Присуството на 22 авиони ловци, два бомбардера и еден противподморнички авион во „Идентификациската зона на воздушната одбрана“ вчераутро ги натера тајванските сили да ги подигнат своите авиони и да им наложат на кинеските авиони да ја напуштат областа. Синоќа, пак, уште една група од 13 авиони влезе во зоната, што се вкупно 38 авиони“, соопшти тајванското Министерство за одбрана.
Би-Би-Си пренесе дека „Идентификациската зона на воздушната одбрана“ е област надвор од територијата и воздушниот простор на земјата, во која странските авиони продолжуваат да се идентификуваат, следат и контролираат во интерес на националната безбедност. Зоната е самопрогласена и технички останува меѓународен воздушен простор.
Кина често пати навлегува во оваа тајванска зона каде Пекинг сака да покаже сила. Само годинава во неа се регистрирани повеќе од 500 упади во споредба со 380 од цела мината година.