Кинеските власти официјално ја уапсија австралиската новинарка со кинеско потекло Ченг Леи, која работеше на англискиот сервис на кинескиот канал ЦГТН, поради наводно одавање на државни тајни во странство, изјави австралиската министерка за надворешни работи Марис Пејн.

Ченг, која е родена во Кина, приведена е пред шест месеци, но дури сега против неа е покрената официјална кривична истрага.

Австралиската Влада изрази сериозна загриженост поради притворањето на Чанг, но и за нејзината состојба и условите во притворот, истакна Пејн, додавајќи дека очекува на новинарката да и бидат овозможени основните права во согласност со меѓународните норми.

Се претпоставува дека Чанг е уапсена поради влошување на билатералните односи помеѓу Австралија и Кина, откако Канбера побара независна истрага за потеклото на Ковид-19.

Чанг е приведена на 13 август 2020, а австралиските власти еден месец пред тоа ги предупредија своите граѓани од ризик од произволно апсење во Кина. Пекинг, тогаш предупредувањето го оцени како дезинформација.