Европската комисија го одобри купувањето на словенечкиот производител на апарати за домаќинство „Горење“ на кинеската компанија „Хисенс Груп“ (Hisense Group).
Проценето е дека ова преземање нема да ја наруши конкуренцијата на пазарот.
– Комисијата заклучи дека предложената трансакција нема да предизвика проблеми со конкуренцијата, со оглед на ограничените пазарни позиции на двете компании заедно, како и фактот дека голем број конкуренти ќе останат на пазарот по трансакцијата, се наведува во одлуката на ЕК.
Кинеската компанија „Хисенс“, со седиште во Луксембург, купи повеќе од 95 отсто од акциите на „Горење“ по цена од 12 евра по акција, со што вкупната вредност на трансакцијата достигна 293 милиони евра.
„Хисенс“, за чија понуда се определи раководството на словенечката компанија, се обврза да го зачува брендот „Горење“ и да ги задржи вработените во Велење.
Се очекува словенечката Комисија за заштита на конкуренцијата да ја донесе својата одлука до есен.