Кинеска компанија вложува 180 милиони евра за изградба на ветропарк на подрачјето во близина на хрватскиот град Сењ.

Како што објави порталот 24 Сата, Кинезите пропатувале низ Хрватска да изберат идеално место, каде што би ги инвестирале своите милиони евра.

Со таква цел стигнале на падините на планината Велебит, недалеку од Сењ. Немилосрдната бура, по која е познат овој град, ги привлекла челниците на кинеската компанија Норинко интернешнл. За таа цел купиле 76 отсто од сењската компанија Енергија пројект за 32 милиони евра и одлучиле на ова подрачје да изградат ветропарк вреден 180 милиони евра.

Ветропаркот ќе се простира на територија од 44 км квадратни, а денеска свечено отпочна изградбата на која присуствуваше и хрватскиот премиер Андреја Пленковиќ.