Со порака дека Кина е подготвена со Русија да го брани светскиот поредок заснован на меѓународното право, кинескиот претседател Си Џинпинг, ја почна три дневната посета на Москва.

Колкав е интересот за посетата сведочи податокот дека Боингот со кој слета на аеродромот Внуково го следеле над 100 илјади луѓе на интернет. Го пречека рускиот вицепремиер Дмитриј Чернишенко, а Си како што пренесоа руските медиими, само кусо изјавил дека очекува стабилен развој на руско-кинеските односи. Попладнево тој одржа неформален состанок со рускиот колега Путин, на кој му претходеа срдечни пораки на пријателство. Според најавите, главна тема бил мировниот план на Пекинг од 12 точки за Украина.

-Почитуван претседателе Путин, секогаш ве нарекувам мој драг пријател. Многу сум задоволен, што повторно на ваша покана, сум во посета на Русија, рече Си Џинпинг, претседател на Кина.

-Внимателно ги проучувавме вашите предлози за решавање на актуелната криза во Украина. Дефинитивно ќе разговараме за сите овие прашања, вклучувајќи ги и вашите иницијативи, кои безусловно ги почитуваме, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

Официјалните разговори се предвидени за утре. Очекувањата се дека Си несомнено ќе се обиде да се промовира во глобален миротворец и клучен посредник за ставање крај на војната во Украина. Путин од друга страна, очекува да добие поддршка во однос на своите позиции против западот, иако малку е веројатно дека кинескиот лидер експлицитно да ги нападне западните сојузници, кои се главни трговски партнери на Пекинг. Ставот на Вашингтон е дека Кина не може неутрално да посредува во војната.

-Кина не ја осуди инвазијата на Путин врз Украина, се уште купува руска нафта и енергенси. Се надеваме дека претседателот Си ќе го повика и ќе разговара и со Зеленски. Сметаме дека треба да го знае и украинското гледиште, изјави Џон Кирби, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност

Посетата на Си на Москва е негова прва од почетокот на руската инвазија и следи три дена откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин кој го товари за наводни воени злосторства поради депортација на украински деца во Русија.