По организирањето на „Самит на демократијата“ со кој САД имаше за цел да ги зајакне истомислениците во соочувањето со автократските режими, официјален Пекинг американската демократија денеска ја нарече оружје за масовно уништување.

Кина, која беше исклучена од дводневниот виртуелен самит, заедно со Русија и Унгарија, луто одговори со обвинување до американскиот претседател Џо Бајден дека предизвикува идеолошки поделби од времето на Студената војна.

– Демократијата одамна е оружје за масовно уништување што САД го користат за да интервенираат во другите земји, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во онлајн изјава, во која исто така ги обвини САД дека поттикнуваат обоени револуции во странство.

Министерството, исто така, тврди дека самитот бил организиран од САД за да ги повлече линиите на идеолошките предрасуди, да ја инструментализира и вооружи демократијата и да ги поттикне поделбите и конфликтите.

Пекинг додава дека, место тоа, одлучно ќе се противи и ќе се спротивстави на сите видови псевдодемократии. Пред самитот, Кина го засили својот пропаганден напад, критикувајќи ја американската демократија како корумпирана и неуспешна.

Место тоа, во белата книга што ја издаде минатата недела Кина изнесе своја верзија на народната демократија, чија цел е зајакнување на легитимитетот на се поавторитарната владејачка Комунистичка партија, под претседателот Си Џинпинг.

Иако САД постојано негираат дека ќе има нова студена војна со Кина, тензиите меѓу двете најголеми светски економии се зголемија во последниве години поради неколку прашања, вклучително трговијата, технолошката конкуренција, човековите права, Синџијанг и Тајван.