За посета на угостителските објекти, црквите, кината и театрите, трговските центри и моловите, за фитнес центрите, училиштата за танц, за домовите за стари лица, хотелите и туристичките објекти, за казината и за време на конференциите, од понеделник, на Кипар е задолжителен CoronaPass, односно документ со кој граѓаните ќе покажат или негативен резултата од брз/ПЦР тест направен во последните 72 часа или вакцинација со најмалку една доза и поминати три седмици или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци, јави дописничката на МИА од Атина.
Задолжителната употреба на CoronaPass не важи за фризерските и козметичките салони, за маркетите, аптеките, фурните, месарниците, плажите.
Во понеделник се укинува двонеделниот строг карантин што беше воведен на 26 април, а со тоа одново се отвораат економските и социјалните активности за граѓаните, но под правила и протоколи.
Министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану истакна дека контролите, дали граѓаните ги имаат неопходните потврди, ќе ги врши само полицијата или надлежните органи, а не одговорните во бизнисите и просторите каде што е задолжителен CoronaPass и рече дека конкретните одлуки се однесуваат на местата каде што има гужви и истакна дека станува збор за привремена мерка во преодниот период.
Паралелно, објасни дека до 1 јуни ќе има постепено олабавување на мерките во неколку фази „за да се даде повеќе време за стабилизација на епидемиолошката слика, со паралелно забрзување на вакцинациите“ и истакна дека целта е до крајот на јуни над 60 отсто од населението да биде имунизирано со најмалку една доза.
Со укинувањето на карантинот, Кипар, од понеделник се враќа на секојдневието пред рестрикциите, односно повторно ќе се отворат летните тераси на угостителските објекти, дозволени се собири до најмногу десет лица, како во надворешните простори, така и во домовите, ќе се укине задолжителното испраќање смс пораки за движење на граѓаните, а полицискиот час ќе биде од 23 часот.
Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Кипар, заклучно со 4 мај биле спроведени 307.698 вакцинации, од кои 235.919 или 31,9 отсто ја примиле првата доза, а 71.779 (9,9 проценти) се целосно вакцинирани.
Од почетокот на пандемијата во земјата се регистрирани 68.442 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 328 лица.