Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби денеска изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден е многу загрижен поради објавувањето на тајните документи за подготовките на Израел за потенцијален одмазднички напад врз Иран.
Американските власти потврдија во саботата дека администрацијата го истражува неовластеното објавување на доверливи документи со кои се проценуваат плановите на Израел за напад на Иран.
Портпаролот Кирби денеска изјави дека администрацијата се уште не е сигурна дали информацијата што беше јавно објавена протекла или е хакирана.
Кирби додаде дека претставниците на администрацијата „во овој момент немаат индикации дека се очекува и други такви документи да стигнат до јавноста“, пренесоа светските агенции.
Портпаролот на Белата куќа, исто така, рече дека американските претставници разговарале за случајот со нивните израелски колеги.
Фото: МИА архива