Директорот на Полицијата на Косово, Рашит Ќаљај изјави дека повеќето напади врз косовските Срби немаат етничка мотивација и главно доаѓаат од припадници на самата српска заедница, јави МИА од Приштина.
Одговарајќи на прашањето на пратеникот на Српската листа, Игор Симиќ на денешната седница на собраниската Комисија за заедници и враќање, што презема полицијата за расветлување на над 100 напади врз Србите и врз православните верски објекти, Ќаљај рече дека таквите информации се неточни и тенденциозни.
Поднесувајќи го пред собраниската комисија, заедно со министерот за внатрешни работи Екрем Мустафа, извештајот за работата на полицијата во минатата година, Ќаљај рече дека е лага оти најголем дел од верските објекти кои се нападнати се православни цркви и манастири.
– Не се точни бројките кои ги наведувате и не знам од каде сте ги добиле. Напади врз верски објекти во текот на минатата година имало вкупно 87. Нападнати беа 56 муслимански објекти, 21 православен објект, шест католички и четири други, информира директорот на косовската полиција.
За физичките пресметки исто така нагласи дека е тенденциозно секогаш да се прикажуваат како етнички мотивирани.
– Доколку се степаат деца при игра, тоа не е етнички напад туку едноставно тепачка меѓу деца, рече Ќаљај.
Според него, како што повеќето напади врз Србите ги сториле Срби, исто така и повеќето напади врз џамиите ги извршиле граѓани од исламска вероисповест.
– Во најголемиот дел од случаите сме ги откриле сторителите. Ќе ви ги испратиме статистиките за да видите и самите, му рече Ќаљај на пратеникот Игор Симиќ.