Словачка планира да ги тестира на корона вирусот сите свои жители постари од 10 години, објави денеска словачкиот премиер Игор Матовиќ, известила агенцијата ТАСР, а пренесе Јутарњи лист.

Се уште не познато дали ќе станува за доброволно или задолжително тестирање. Одлуката да не се тестираат децата помали од 10 години е според совет на педијатрите, рекол словачкиот премиер.

Тестирањето би требало да се спроведе во текот на следните два викенда.

Во операцијата ќе помогнат војската и полицијата со оглед на оптовареноста на медицинските работници.

Во земјата ќе има околу 6 000 пункта за тестирање.

Владата ја подготвува оваа операција три недели и за таа цела нарачала 13 милиони антигенски тестови. Словачка има 5,5 милиони жители.

Словачкиот премиер смета дека ако успее во својата намера, Словачка ќе биде пример за светот.

Словачка вчера имаше 2 705 новозаразени. Досега вкупно има 28 628 случаи на зараза од почетокот на епидемијата во март, а починати се 82 лица.

На милион жители Словачка има 5 177 заразени, Македонија 10 851.

Словачка има тестирано 111 000 лица на еден милион, Македонија 103 000. Починати се 15 лица на еден милион жители, наспроти над 400 на еден милион во Македонија.

Словачка се сметаше за апсолутен првак во борбата со Ковид 19 во првиот бран.