Со новиот Закон за употреба на јазиците (ЗУИ) во нашата држава на голема врата се создаваат услови за позитивна јазична дискриминација, истакна академик Катица Ќулавкова во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
По експозето на претседателот на МАНУ академик Таки Фити, поднесено на редовното Годишно собрание на МАНУ, Кулавкова во својата дискусија посочи дека со овој закон се практикува една позитивна јазична дискриминација на штета првенствено на македонскиот и на сите други малцински јазици, во однос на албанскиот.
– Македонија во овој момент е претворена во една лабава, нестабилна структура од јазични, верски, културни и други заедници. Нестабилна зашто генерира постојано, особено со овој нов ЗУИ, мискомуникација, мисинтерпретација, оттуѓување на заедниците една од друга, со тенденција да се наметне одредена позитивна дискриминација. Значи да се наметне јазикот на малцинството како јазик што ќе биде не само државно признат, албанскиот, турскиот и секој јазик секаде да имаат карактер на службен јазик во нашата држава. Тоа не е спорно, така било со децении наназад. Се работи само за опсегот на таа службеност, на службениот карактер на еден јазик, рече Ќулавкова.
Таа смета дека ако имаме идентичен опсег на сите јазици или на два јазика, тогаш стекнатиот статус на македонскиот јазик е доведен во прашање. За македонскиот јазик, како што рече, има само Совет за македонски јазик, а сега се воведуваат Агенција, Инспекторат за употреба на албанскиот јазик, санкции за употреба на албанскиот јазик, лектори… или вработување на стотици кадри од јазикот на една заедница.
Ќулавкова мисли дека се излегува од некакви рамки на хармонија, кохезија, цивилизираност и праша што е целта на овој закон. Според неа, МАНУ треба да направи придонес со свое стратешко истражување, научна конференција за оваа тема.
Академик Абдулменаф Беџети се обрати прво на македонски, а потоа на албански јазик. Откако почна да зборува на албански јазик, присутните реагираа дека не разбираат што зборува и оти нема преведувач.
Беџети продолжи на македонски јазик и рече дека погрешно е поставена тезата дека Законот за употреба на јазиците како позитивна дискриминација. Тој побара од некое од соодветните одделенија при МАНУ, на пр. Лингвистика, научно истражување во кое ќе се докаже дека позитивната дискриминација на еден јазик нарушува или го дискриминира другиот јазик.