Обидот на колегата Груби да ја префрли вината за вчерашното фијаско на Комисијата за деловнички и мандатно -имунитетни прашања и на мене како нејзин претседател се проѕирна лага и очаен обид за контрола на штетата која овој процес ја донесе врз нивната партија, тврди пратеникот на колацијата на СДСМ, Павле Богоевски.

– Кога се гласаше на комисијата, јас во три наврати се обидов да ја добијам колешката Мирсада Емини -Асани и испратив и СМС порака. Два пати таа ми го спушти телефонот, а третиот пат крена, најверојатно по грешка и дванаесет секунди ми дишеше на телефон без да изусти ниту збор. Тогаш престанав да се обидувам да ги добијам. До моментот на започнување на последното продолжение на комисиската седница, јас немав потврда дека колешката ќе дојде, ниту дека е испратено возило по неа, вели Богоевски.

Тој додава дека „единствена работа полоша од тоа Комисијата да нема став, е да нема кворум и да не може да гласа“.

– Доколку чекавме со гласањето, а колешката не пристигнеше, се што требаше да направат ВМРО-ДПМНЕ е да излезат од салата и комисијата немаше да може да ја заврши седницата. Тоа е единственото сценарио кое не би го обврзало Џафери да ја закаже пленарната седницата. Затоа, нека престанат да ја лажат и манипулираат јавноста – единствената одговорност за вчерашното прекинување на седницата и за заштитата на Трајко Вељаноски е кај Талат Џафери и кај ДУИ, тврди Богоевски.