Климатската активистка Грета Тунберг и другите демонстранти кои го блокираа влезот на парламентот на земјата денеска со сила беа одвлечени од шведската полиција, изјавиле двајца очевидци за некои светски агенции.
Двајца полицајци ја подигнале Тунберг и ја однеле на околу 20 метри подалеку од вратата што ја блокираше пред да ја спуштат на земја.
Таа заедно со уште 50 активисти и вчера го блокираше влезот на шведскиот парламент за да покаже дека земјата ја игнорира климатската криза.
Со тоа активистите ги спречија шведските пратеници да влезат во зградата, на денот кога беше кренато шведското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел.
Тунберг истакна дека Шведска целосно ја игнорира климатската криза „и мами и лаже за да се претстави како да прави доволно и дека се движи во вистинската насока, додека се случува токму спротивното“.
Таа ја обвини државата дека се занимава со „еко-манипулација“ (greenwashing), односно создава слика дека некој се занимава со заштита на животната средина, иако всушност тоа не го прави.
– Шведска е особено добра во гринвошинг и се претставува како климатски лидер, иако имаме многу високи емисии по глава на жител, рече Тунберг.
Таа додаде дека „моќните луѓе лакомо бараат краткорочни профити на сметка на човечкиот живот и на планетата“.
Тунберг, исто така, рече дека целта на вчерашниот протест е да се истакне како „луѓето на власт ги игнорираат најранливите, активистите и младите луѓе и науката“ и ги обвини политичарите дека наместо тоа, „му даваат приоритет на краткорочниот економски профит“, што го „жртвува човечкиот живот и планетата во име на алчноста“.
Таа истакна и дека ова е прв ваков протест во Шведска, иако слични акции имало и на други локации низ светот.
– Луѓето на власт не слушаат, тие активно ги игнорираат и ги замолчуваат оние што зборуваат, рече Тунберг.
Според извештаите, на протестот присуствувале и научници кои се занимаваат со климатските промени.
Фото: ЕПА