Не 2025 туку јануари 2026 ќе има спојување на скопските клиники во една установа. Пролонгирање од една година од првичните најави за интеграција на најголемиот здравствен комплекс. Тоа беше во агендите не само на Таравари, туку и на Меџити, Сали и Филипче но досега не се најде решение како 32 установи, исто толку управни одбори и бројна администрација да бидат една целина како што функционираше клинички до 2007 година. Таравари за тоа го ангажирал и неговиот здравствен совет, а еден од моделите што ги разгледуваат е словенечкиот каде има еден главен директор и неколку помошни.
– Вие знаете дека работиме,советодавното тело во Министерството за здравство веќе работи и на процесот на спојување на Клинички и на нова стратегија. Кога ќе го споиме Клинички, јас се надевам јануари 2026, тогаш да започне и да биде подготвен и новиот Закон за здравствена заштита, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
Додека го чека начинот како клиниките да бидат споени во едно, министерот за здравство ќе враќа лекари од приватното во државното здравство. На Влада била укината забраната за овој вид трансвер а може да се вратат само специјалисти со повеќе годишно искуство.
-Тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство. Само кај мене се јавени околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме.
На денешниот отчет што сработиле во првите 100 дена, Таравари најави и решавање на статусот на договорците во здравствениот систем кои се повеќе од 2000. До крајот на годината барем половината оид нив да добијат решение, а кои ќе бидат тие министерот ќе чека да му кажат директорите.