Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон во емисијата „Поглед“ на Еј-Би-Си зборуваше за ситуацијата во Газа и објасни зошто не повикува на прекин на огнот.
– Запомнете, имаше прекин на огнот на 6 октомври, кога Хамас го прекина со нивниот варварски напад врз мирни цивили, изјави таа.
– Имаше прекин на огнот. Не се одржа бидејќи Хамас избра да го прекрши, нагласи Клинтон.
– Хамас постојано го кршеше примирјето во текот на неколку години … Израел има право да се брани, како и Украина. Израел треба да се однесува според правилата за војна и да направи сè што може за да ги спречи и ограничи цивилните жртви, рече таа.
Клинтон објасни дека била во Газа и ја разбира тамошната ситуација и користењето на цивилите „како воени алатки“ од страна на Хамас.
– Мислам дека сега се движиме кон позиција каде што хуманитарните паузи се на маса, како што треба да бидат … Треба да запомниме дека над 240 невини луѓе, не само Израелци, се држат како заложници во Газа. Тоа е мултинационална заложничка ситуација, нагласи таа.
Клинтон ги објасни и обидите низ годините за мировен договор меѓу Израел и Палестинците, како и едностраното повлекување на Израел од Појасот Газа.
– Сметам дека е императив … конечно да се обидеме да го отфрлиме Хамас и да имаме власти кои ќе работат на решение за две држави, што треба да биде исходот за кој сите се надеваме и се молиме, рече поранешната американска државна секретарка.
Фото: Скриншот Х