На вчерашното рочиште за предметот за настаните од 27 април беше исклучена јавноста со образложение дека истото се врши поради испитување на загрозен сведок на главната расправа, со што судот отстапи надвор од законската рамка и воспоставената пракса на меѓународните трибунали, особено праксата на Меѓународниот кривичен суд, како и Хашкиот трибунал, реагира асоцијацијата Коалиција Сите за правично судење.
– Иако според членот 354 од Законот за кривична постапка, испитување на загрозен сведок не е основ за исклучување на јавноста, сепак овој член дава можност јавноста да биде исклучена доколку е загрозена безбедноста на сведокот. Битно е да се напомене дека овој член е општ член кој се однесува на сите сведоци (за кои не се предвидени посебни мерки за заштита), па поради тоа е дадена опција судот да ја отстрани јавноста доколку има реална закана по безбедноста на сведокот. Настрана од овој член, ЗКП содржи специјални одредби кои се однесуваат ексклузивно на испитувањето и обезбедувањето на загрозените сведоци, за кои се предвидени посебни правила на испитување, па поради тоа истите не се споменуваат како основ за исклучување на јавноста во членот 354 од ЗКП, се вели во реакцијата на Коалцијата.
Натаму во соопштението се додава:
– Законот за кривичната постапка го регулира прашањето за заштита на загрозените сведоци на главната расправа во членот 228, па според овој член загрозените сведоци се испитуваат на посебен начин, кој според ставот 4 од истиот член „(посебниот начин на испитување) може да се состои од прикривање на идентитетот, а во определени случаи и изгледот на сведокот.“ Така, според овој член се обезбедува сигурноста на загрозениот сведок од аспект на заштита на личните податоци и идентитетот, но не и во однос на исказот даден од страна на загрозениот сведок. Овој член не го препознава исклучувањето на јавноста како начин на заштита на сведокот поради тоа што загрозениот сведок првенствено треба да биде заштитен од обвинетите, а не од јавноста. Токму поради тоа членовите 229 и 230 од ЗКП ги предвидуваат посебните услови за начинот на испитување на загрозените сведоци, во кои членови никаде не е предвидено исклучување на јавноста поради безбедноста на сведокот. Во таа насока говори и праксата на Меѓународниот кривичен суд, како и на Хашкиот трибунал според чии правила за обезбедување на сведоците се преземаат низа мерки за заштита на идентитетот на сведокот (како сведочење преку видео линк со заматен лик и глас), а исклучувањето на јавноста се применува во исклучителни ситуации кога постои опасност од изнесување на тајни или приватни информации во јавноста, реагира Коалицијата.
Оваа граѓанска асоцијација натаму во соопштението вели:
– Во таа насока е и домашната пракса на истиот суд (ОС Скопје 1), каде во предметот под кодно име „Монструм“ заведен под референтен број КОК-66/17 на одржаните рочишта во август беше испитуван загрозен сведок со присуство не само на стручната, туку и на општата јавност, бидејќи беа преземени потребните мерки од членот 230 од ЗКП, па судот одлучи дека нема потреба од исклучување на јавноста. Со оглед на тоа што судот на вчерашното рочиште обезбеди технички услови за испитување на сведокот во одвоена просторија преку аудио-видео опрема согласно членот 230 од ЗКП, беше извршено неопходното обезбедување на идентитетот и сигурноста на сведокот согласно законот, па така исклучувањето на јавноста од судницата не може да се смета дека придонесува за безбедноста на сведокот, туку влијае исклучиво на транспаретноста на судот и јавната доверба во него. Во таа насока би се надоврзале и со инцидентот на истото рочиште, каде бранителите на обвинетите реагираа на лошите услови во судницата, по што истите беа казнети и наводно разрешени од функцијата бранители. И ако ова претставува потенцијално нарушување на правото на обвинетите да имаат бранител по сопствен избор, како и на независноста на адвокатурата, во крајна линија ни говори и за значењето на присуството на јавноста на главните расправи. Во отсуство на официјални информации и детали околу инцидентот, битно е да се напомене дека доколку јавноста не беше исклучена од денешното рочиште, истата ќе понудеше објективна оценка на состојбата со што ќе се поттикнеше јавна дебата и изнаоѓање на решение за идните вакви слични ситуации, што во крајна линија ќе придонесе за подобрување не само на правата на обвинетите, туку и на ефикасноста на обвинителството, перформансот на судството, како и јавната доверба во истото, се вели во реакцијата на Коалиција Сите за правично судење.
Денеска, повторно без присуство на јавноста, во новата зграда на Кривичниот суд во Скопје продолжи рочиштето за настаните од 27 април минатата година во Собранието на РМ со сведочење на загрозениот сведок С1.
Во судницата се присутни обвинетите, адвокатите на обвинетите и адвокатите по службена должност кои вчера ги назначи Судот по напуштањето на рочиштето на одбраната на обвинетите кои се жалеа дека немаат услови за работа.
На вчерашното рочиште кое започна во новата зграда на Кривичниот суд, јавноста беше исклучена, а како што беше речено, поради технички причини судењето беше префрлено во стариот објект на Судот. Поради расправијата меѓу судечкиот совет и адвокатите одбраната беше казнета со по 1.000 евра.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.