Коалицијата „Сите за правично судење“ ја истакнува својата загриженост по однос на динамиката на движење и траење на судските расправи, а која конкретно кулминираше на рочиштето во предметот поврзан со настаните од 27ми април 2017 година кое се одржа на ден 06.09.2018 година во Основниот суд Скопје 1 во Скопје, со почеток во 12:00 часот и траеше до 21:30 часот истиот ден. Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот и неговото траење од 9 часа и 30 минути сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката со тоа што се врши повреда на нивното право на адекватно време и простории за подготовка на одбраната. Ова од причина што на обвинетите им се оневозможува правото на ефективна комуникација со бранителите, во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана. Имајќи го предвид фактот дека на ова рочиште беа изведувани докази на јавното обвинителство до 21:30 часот, а во текот на следниот ден за кога е повторно закажано рочиште по овој предмет во 10:00 часот, на кое што ќе се продолжи со изведување на доказите на јавното обвинителство, одбраната не е во можност во траење на 12 часа и 30 минути помеѓу двете рочишта да ја подготви својата стратегија и да овозможи соодветна одбрана. Ова е деликатна ситуација, особено имајќи го предвид фактот што најголемиот дел од обвинетите се во притвор каде што комуникацијата со бранителите и онака е отежната поради логистички и технички услови.
Дополнително, истото прашање може да биде поставено и низ призмата на другите учесници на постапката, односно колку ефикасни можат да бидат јавните обвинители при застапување на обвинението, како и колку квалитетно судечкиот совет може да го следи текот на расправата.
Коалицијата, ја изразува својата загриженост бидејќи ова е втор предмет со ваква динамика на движење пред истиот судечки совет, а веќе има и насрочени интензивни рочишта до крајот на јануари 2019 година.
Во наредниот период се насрочени 10 рочишта за октомври, 17 рочишта за ноември и по 14 рочишта за декември и јануари.
Компаративно, пред истиот суд се водеше судски предмет познат во јавноста како „Диво Насеље“ кој што беше од висок степен на важност, со 37 обвинети лица кои беа во притвор, обвинети за кривични дела против државата, а чија што динамика беше умерена и во рамките на работното време на судот. Овој процес се одвиваше со динамика од две рочишта неделно во просек, а истиот заврши за две години, па оттаму Коалцијата не гледа причина за толку интензивно насрочување на рочиште за предметот поврзан со настаните од 27 април.
Членот 6 од Европската конвенција за човекови права упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на адекватно време и услови за подготвување на одбрана. Овој член не се однесува само на подготвувањето на одбраната во претходната постапка (фаза на истрага), туку истиот се однесува и на можноста одбраната да биде подготвена за било кое дејствие кое е предвидено да се преземе на главната расправа, особено во фаза на доказна постапка во предмети каде се предложени голем број на материјални докази и сведоци. На ова се надоврзуваат и одредбите од чл. 359 од Законот за кривичната постапка кој упатува на текот на главната расправа, односно на фактот дека истата се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во законот, а во случаите кога не е можно истата да е заврши на едно рочиште, претседателот (на советот) одлучува истата да продолжи следниот работен ден. Во таа насока и ставот 2 од истиот член предвидува дека „претседателот на советот може да определи да се отстапи од редовниот тек на расправањето поради посебни околности, а особено поради бројот на обвинетите, бројот на кривичните дела и обемот на доказниот материјал.“
Предупредуваме на фактот дека е неопходно да се зголеми внимателноста при постапувањето на судот во секој сегмент од постапката, особено ако интенција е задржување на кредибилност на целокупниот судски процес и поставување на стандарди за објективност и еднаквост за сите, согласно меѓународните стандарди за фер и правично судење. Оттаму, Коалицијата уште еднаш се повикува на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, поточно на начелото на судење во разумен рок, кој рок е релативен согласно на големината на доказниот материјал и инволвираните лица. Овој рок не подразбира судењата само да се одвиваат со голем интензитет и брзина на постапката, туку предвидува разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се овозможи адекватна подготовка на сите учесници во постапката.
Коалиција „Сите за правично судење“