Пораките што ги праќа ЕУ во врска со проширувањето на Унијата треба да се толкуваат внимателно, вели претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во интервју на ТВ Алфа во емисијата „За или против“ со новинарот Љупчо Цветановски.
„Извештајот на француско-германската група за реформите и за проширувањето на ЕУ во 21 век содржи многу повеќе информации за предизвиците со кои се соочува ЕУ во однос на нејзиното проширување. Така, извештајот предвидува четири нивоа на европска интеграција: внатрешен круг (длабока интеграција во областите какви што се еврозоната и шенген), самата ЕУ, поширок круг со придружни членки, дозволувајќи учество во единствениот пазар и придржување до заедничките принципи, и конечно, Европската политичка заедница, како надворешно ниво на политичка соработка без обврска за придржување кон законите на ЕУ. Иако европските лидери ја обновија посветеноста на проширувањето, со оглед на сè понеповолниот меѓународен контекст, сепак, според Извештајот, ЕУ не е подготвена да прими нови членки. Така, во Извештајот се констатира: „Институциите и механизмите за носење одлуки не се дизајнирани за група од 37 земји, а и сега е тешко за 27-те земји членки да менаџираат со кризи и да носат стратегиски одлуки“, посочува академик Коцарев.
Врз основа на заклучоците и препораките на групата, може да се констатира дека 2030 година не е годината кога Македонија и земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ, туку датумот откога ќе почне да се работи на процесот на проширување, потенцира претседателот на МАНУ и вели дека односно суштинските преговори за членство ќе почнат по 2030 година, откако, претходно, ЕУ ќе се реформира.
„Реформите, меѓутоа, нема да донесат никакви придобивки за Македонија, бидејќи пред пристапувањето во Унијата, повторно, секоја земја одделно ќе мора да го ратификува пристапниот договор. Тоа значи дека Македонија низ целиот преговарачки процес ќе мора да ги усогласува политиките со оние, на официјална Софија, оти, во спротивно, на крајот, повторно нема да стане членка на ЕУ без конечно одобрување во бугарското Народно собрание. Оттука, евентуалното внесување на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде првиот бугарски услов, по што ќе следуваат и условот за целосно спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство и обврските во протоколите“, наведува академик Коцарев.
Тој потсетува и дека „Бледскиот договор“ од 1947 година, склучен помеѓу тогашна Народна Република Бугарија и тогашната Федерација, чиј составен дел беше и Народна Република Македонија, со кој се признаваат и идентитетот на Македонците во Бугарија и македонскиот јазик, две години подоцна, беше еднострано раскинат од Бугарија.
„Ако Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и обврските што произлегуваат од протоколите бараат од нас да се негираме самите себеси, зарем тоа не е доволна причина Македонија да го раскине овој Договор? До кога ќе молчиме и ползиме?“ прашува првиот човек на МАНУ во интервју за Алфа.