Мојот мандат за претседател на МАНУ завршува во декември оваа година, вака академик Љупчо Коцарев го започнува својот одговор на прашањето – дали би прифатил кандидатура за Претседател на Македонија ако биде предложен од некоја политичка партија.

„Па, оттука, преостанатите неколку месеци ќе ги посветам исклучиво на заокружување на неколку проекти што поради многубројните предизвици со кои се соочи Академијата во минатите 3 години, предизвикани со појавата и ширењето на пандемијата од Ковид-19, од економската и енергетската криза и од намалувањето на бројот на вработените во МАНУ, останаа недовршени“ посочува во одговорот академик Коцарев, кој враќајќи се на прашањето за претседателските избори вели дека се надева дека Македонија нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет, на македонската историја и на македонскиот јазик, повикувајќи ги Македонците да се обединат – од меѓупартиските и внатрешнопартиските неслоги, парафразирајќи го Мисирков: „…другите печалат, а ние, Македонците, губиме“.

„Јас верувам дека секој од нас кој живее на и за ова парче земја, а најмногу интелектуалците со потврдено светско научно реноме, како авангарда на општествената свест и одговорност, треба повеќе од кој било друг да бидат оние што ќе го напуштат комодитетот и ќе го издигнат колективниот над личниот интерес, дејствувајќи од одговорните позиции за исполнување на националната кауза, издигната на степен на обединување на различностите во македонското општество, која се базира на принципите и темелите на државноста“ вели претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во интервју во емисијата „За или против“ со новинарот Љупчо Цветановски, индиректно со одговорот оставајќи можност и простор за претседателска кандидатура доколку некоја од македонските партии го предложи на претстојните пролетни избори за шеф на државата.