Причините за сообраќајните несреќи синоќа на патните правци во источниот регион се неприспособената брзина на возилата, несоодветната зимска опрема, како и ниските температури, кои не дозволиле снегот да се растопи, смета раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“, Кире Коцев.
Тој забележува дека синоќа, а и од утринава екипите на ЈП „Македонија пат“ се постојано на терен, а на патиштата нема застој во сообраќајот. Постојано се посипувани со сол и ризла, но синоќа минусните температури не дозволиле да се растопи снегот, што со помош на механизација се отстранува од коловозите.
-Проблемите на патиштата се неприспособената брзина и ниските температури, што не дзоволуваат да се растопи снегот и покрај тоа што коловозите постојано се посипуваат со сол, вели Коцев.
Тој додава дека од синоќа па до утринава на коловозите во источна и југоисточна Македонија се фрлени 300м/3 ризла и 100 тони сол. Екипите на ЈП „Македонија пат“ работат на приоритетните магистрални и регионални патни правци, доколку имаат јавување за регионален патен правец до некое село веднаш ќе реагираат. Коцев апелира да се вози внимателно на патните правци во источна и југоисточна Македонија, брзината да биде приспособена на условите на патот и возачите воопшто да не тргнуваат на пат без соодветна зимска опрема.