Заев и другарите во владата годинава ќе испијат 800 илјади кафиња, а на расипништвото на СДСМ му нема крај, вели Александар Кочев од ВМРО-ДПМНЕ за расфрлањето со парите на граѓаните.
– Наместо за општествено корисни работи власта ги троши нашите пари на скапи кафиња. Новата набавка на кафе во вредност од 45 илјади евра е врв на расипништво. Ова е втора набавка на кафе оваа година од страна на владата, која претходно во јануари набави кафе во вредност од над 17 илјади евра. Партијата која ветуваше дека нема да се расфрла со парите на граѓаните сега немилосрдно ги троши, рече Кочев.
Тој направи споредба меѓу сегашнава и претходната влада.
– Владата на ВМРО-ДПМНЕ годишно набавувбаше кафе во вредност од 10 илјади евра, додека СДСМ за само 8 месеци потроши 62 илјади евра или 6 пати повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од година дена нема никаков проект, во државата се е стопирано, сите ветувања дадени кон младите се испоставија како една голема лага, државата се задолжува, а капитални инвестиции нема, но затоа има за луксуз. Има за кафе, има за цвеќиња, има за скапо платени промоции на капитулантски договори. Има за се само за граѓаните не. Ова расипништво мора да запре, порача Кочев.
Граѓаните, додаде тој, очекуваат нивните пари наместо за скапи цвеќиња и кафе да се инвестираат во нови училишта, градинки, болници, студентски домови, а оваа власт се покажа целосно неспособна за тоа.
Веднаш по прес-конференцијата на Кочев, со соопштение реагираа од седиштето на СДСМ. Од владејачката партија не одговараат со аргументи за изнесените ставови, туку одговараат со обвиненија кон ВМРО-ДПМНЕ за минатото.
– ВМРО-ДПМНЕ да не се грижи, Владата предводена од СДСМ работи во интерес на сите граѓани, има пари за остварување на сите зацртани мерки што го подобруваат животот на сите граѓани, одговараат од СДСМ.
И вообичаено во сите соопштенија фокусот од проблемот кој е посочен го дефокусираат со „иднината во ЕУ и НАТО“.
– Наместо да се бламира со празни прес-конференции, ВМРО-ДПМНЕ да се надмине себеси и јавно да го соопшти ставот за најважното прашање: Дали на 30 септември ќе ги повика членовите да излезат и да се изјаснат за македонската иднина во ЕУ и НАТО, гласи пораката од владејачкиот СДСМ.