Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, денеска изрази уверување дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент од мнозинството пратеници, јави МИА од Атина.
– Нема шанси да не се изгласа во Парламентот, рече Коѕијас во интервју за грчкото радио „Њуз 247“, повторувајќи го неговиот став од декември минатата година дека ќе постои мнозинство пратеници, а не партии кои ќе го поддржат договорот.
Паралелно ја отфрли можноста за гласање од 180, наместо 151 пратеник, како што побара лидерот на Независни Грци и коалициски партнер во грчката Влада, Панос Каменос.
– Јас лично му објаснив на Каменос и ќе продолжам да го имам овој став дека Уставот предвидува 180 гласови за договор за отстапување на национален суверенитет. Ние не отстапуваме национален суверенитет. Имаме договор за промена на името и на Уставот на трета земја, рече Коѕијас.
Говорејќи за следните чекори и од двете страни, шефот на грчката дипломатија коментираше дека „добро одат временските рокови“ и очекува до крајот на годината Македонија да ги заврши обврските, а потоа да биде и гласањето во грчкиот парламент.
– Мислам дека на 16 или на 23 септември ќе се одржи референдум, бидејќи врз основна на нивните закони потребни се два месеци јавна дискусија и потоа, штом ќе го одржат референдумот, ќе следат уставни промени и кога ќе завршат со ова, ќе дојде договорот во Парламентот, објасни Коѕијас.
Во однос на она што предизвикува најголеми несогласувања во Грција и обвинувања до владата дека отстапила македонски јазик и македонска националност, Коѕијас повтори дека јазикот бил на два пати признат во Грција во минатото како македонски, додека пак во однос на националноста, објасни дека постои разлика меѓу зборовите „националност“ и „државјанство“, а во договорот се користела терминологија од меѓународното право, а не од секојдневните речници.
– Ако отворите било кој речник, зборот „nationality“ се преведува како националност. Односно се идентификува со зборот „ethnicity“. Но, зборот „ethnicity“ и зборот „nationality“ се различни во меѓународното право. Кога потпишуваме еден меѓународен договор не ги користиме секојдневните речници го користиме меѓународното право. Во меѓународното право, зборот „nationality“ се преведува како државјанство, а тоа е различно од националност. Ќе ви дадам еден пример. Какво државјанството денес има Англичанецот? Британско. На која националност ѝ припаѓа? На англиската. Шкотите, кои што сакаат да си заминат, имаат британско државјанство, а шкотска националност, објасни Коѕијас и рече дека поголемиот дел експертите и познавачите на меѓународното право се согласуваат со договорот.
Шефот на грчката дипломатија уште еднаш повтори дека опозициите во двете земји на ист начин ги критикуваат владите, велејќи дека „Иванов го обвини Заев дека и се предаде на Грција, а Нова демократија вели дека дадовме се“.
За несогласувањата од Независни Грци, Коѕијас истакна дека секој владин коалициски партнер има право да не се согласува, а фактот што Панос Каменос е министер за одбрана, според шефот на грчката дипломатија, нема да има никакво влијание на претстојниот НАТО Самит, бидејќи за проширувањето не решаваат министрите за одбрана. Во Брисел, за две седмици, ќе заминат Каменос и Коѕијас заедно со премиерот Ципрас.
– Министерот за одбрана во НАТО се занимава со техничките прашања, а со политичките прашања како што е проширување и интеграција на Северна Македонија се занимава министерот за надворешни работи. Ова не е тема на министерот за одбрана, објасни министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто за грчкото радио.
Во однос на вчерашниот состанок на префектите и градоначалниците од северна Грција кои бараат референдум, Коѕијас рече дека некои, како на пример префектот Апостолос Ѕиѕикостас, се обидуваат да изградат политичка кариера.
Шефот на грчката дипломатија го коментираше и присуството на 15 митрополити на состанокот, велејќи дека тој лично „ја почитува црквата, ја брани и поддржува, но одредени архиереи немаат никаква работа во политиката на земјата“.