Перуанецот Максимо Напа е пронајден жив, откако минал 94 дена на отворено море, објави претставник на перуанската морнарица во саботата, додека рибарот ја напуштал болницата по неговото, според многумина – неверојатно преживување и закрепнување.

Напа (61) е спасен во вторникот, кога бил забележан во својот мал рибарски брод од еквадорска екипа во близина на брегот на Чимботе во северен Перу. Во емотивна изјава за околните медиуми, рече дека преживеал хранејќи се со бубашваби, птици и желки. Последните 15 дена тој ги минал без храна, пишува „Гардијан“.

– Не сакав да умрам, поради мајка ми. Имам двомесечна внука – и тоа ме одржуваше. Секој ден размислував за мајка ми, рече Напа.

Неговото семејство и групи рибари го барале секој ден последниве три месеци.

„Секој ден е агонија за целото семејство и ја разбирам болката на баба ми, бидејќи како мајка можам да се поврзам со неа. Никогаш не мислев дека ќе минеме низ оваа состојба. Никому не би му ја посакала. Не губиме надеж, тато, дека ќе те најдеме”, напиша неговата ќерка Инес Напа на „Фејсбук“ на 3 март.

– Чудо е што татко ми беше пронајден. Ние како семејство никогаш не се откажавме од надежта дека ќе го најдеме, изјави Инес по спасувањето.

Максимо во саботата беше отпуштен од болницата во крајбрежниот град Паита.

– Господинот Напа пристигна во добра физичка состојба. Можеше да оди. Беше во шок, но физички, тој беше добро, изјави капетанот на пристаништето на перуанската морнарица, Хорхе Гонзалес.

Бродот на Напа испловил од пристаништето „Сан Хуан де Маркона“ на 7 декември, но лошите временски услови и морските струи го оттргнале од патеката. Неговиот мал брод, којшто немал радио, на тој начин завршил среде море.

Фото: „Икс“