Зоран Спасовски

Темата на овој текст се оспорувањата на македонската националност и тврдењата дека едни се дојденци овде однекаде, а други отсекогаш биле тука, па тие полагале повеќе историско право на одредени територии.

Тоа полагање право, како што е познато, понатаму води кон негирања нации, полагање права на одредени територии и сл., и среќа е што во современово време таквите размислувања сѐ повеќе се напуштаат. Меѓутоа иако тоа веќе станува неважно, ние овде сепак ќе се обидеме да ја следиме и таа линија на размислување и да разгледаме кој дошол овде, а кој е навистина „од овде“. Во историска смисла на зборот.

Тогаш, да почнеме од најголемите дојденци, т.е. тие што дошле во големи бранови некаде во 5-6 в.

Тоа се Словените. Како што е општо познато, тие во еден извесен период потполно го освоиле Балканот. Тоа бил таков темелен пораз за Византија што неосвоени буквално останале само неколку тврдини, и тоа Iader, (Задар), Trogirium (Трогир), Butua (Будва), Scorda (Скадар), Lissus (Леска, Леши), на Јадранот и Salonica (Солун) на Егејот, се разбира и Константинопол. Таа ситуација траела на најголемиот дел од оваа освоена површина најмалку еден век, а во некои области и повеќе од два века. На пример, на Пелопонез, цели 218 години. И на овој ослободен терен, за тоа наведено време, живееле во слободни и независни држави.

За ова што ние сакаме да го разгледаме овде, нам посебно ни е важно како Византијците, само од 7-8 приморски града, ја повратиле таа огромна територија полна со Словени, а и како потоа ја задржале трајно во свој посед. Со оглед што во сите случаи се работело за приморски тврдини, успеале така што по морски пат носеле народи од други области кои ги колонизирале меѓу Словените и кои подоцна ги искористиле за борба против нив како свои сојузници. А откако ги поразиле со помош на тие свои сојузници, основале клиентски држави со чија помош постојано ги држеле под своја власт.

Следното прашање е кои народи ги донеле Византијците овде против Словените. Како што покажуваат испитувањата претежно на грчки автори, во прв ред тоа биле Ерменци. Понатаму, во историските записи од тоа време наоѓаме некој византиски генерал или заповедник по име Мјеј Гнуни. Со други зборови, носени биле и Албанци од земја која во тоа време била позната како Кавкаска Албанија. Освен нив биле колонизирани и турски народи и некои словенски родови или кнезови кои биле во нивна служба (на пр., за Србите, Хрватите и Бугарите има податок дека се дојдени некаде кон 7 в., и тоа е историски запис кој никој не го негира или спори). Конечно, некое време по тие настани на Балканот се досеиле и Унгарците.

И сега, ако земеме дека сите овие народи се подоцна донесени од страна на Византијците за тие да се справат со големото мноштво Словени кои им ја одзеле територијата, имаме една интересна историска ситуација во која низ целата историја, па дури и денес, тие што се донесени се некој фактор на теренот, додека она основно мноштво Словени кое дошло во 5-6 в. никогаш не се. Имено, ако ги следиме овие податоци, испаѓа дека ова основно мноштво Словени се тие Словени кои дошле први, околу 5-6 в., и што се населил­е по брегот на Егејското, Јонското и Јадранското Море (односно, во денешна смисла, Македонците, одамна изгубено словенско мноштво по брегот на Јонското Море и Црногорците и Босанците. Тие ретко кога, освен можеби во најраната историја, биле некаков фактор, додека овие другиве, кои погоре ги споменавме како донесени како сојузници – за кои де факто има и историски податоци – речиси секогаш се. И првите ретко кога имаат некој моќен сојузник, додека вторите скоро секогаш имаат.

(Авторот е научен соработник во Институтот за македонски јазик)