Коле Манев

Само што пукна аферата ,,Рекет“ со приведувањето на Бојан Јовановски алиjас ,,Боки Тредичи“ и неговиот соработник во сенка, Зоран Милески познат како ,,Зоки Кичеец“, многумина од обвинителската ергела  на СЈО, на чело со шефицата Катица Јанева, побрзаа да заминат на одмор.

Катица Јанева прво си поднесе оставка ,,привремена“, демек не сакала нејзиното име и авторитет да се валка и биде пречка во понатамошните партиски и политички разговори и договори околу донесувањето на новиот Закон за ЈО. Во право е Катица Јанева што сака да си ги заштити и да не дозволи да бидат валкани нејзиното име, идентитет и авторитет, но приказната ниту тука почнува, ниту тука завршува.

Кога политичката температура околу аферата ,,Рекет“ доби портокалова боја, на јавната сцена се јави друга обвинителка од истата ергела. Имено обвинителката Лиле Стефанова се почувствувала згрозена кога за првпат ги видела и чула видео и аудио материјалите кои ги објави италијанскиот весник ,,Ла Верита“ (во превод ,,Вистина“) и дека таа Лиле Стефанова во иднина ќе соработува со Јавното обвинителство во интерес на истрагата и доаѓање до вистината и посебно што таа како и Катица Јанева сака да го заштити нејзиното име и професионален капацитет. Убаво и оправдано.

Но во таа изјава на Лиле Стефанова и се лизнаа две важни работи. Прво, Лиле Стефанова била уште повеќе згрозена дури и вознемирена што еден од учесниците во разговорите што ги нуди ,,Ла Верита“ го споменува и нејзиното име и презиме! Дури Лиле се чуди како некој ,,осомничен“ се дрзнал  да го валка и споменува нејзиното име во вакви околности!? Второто лизгање беше кога Лиле Стефанова изјавува дека Катица Јанева со план и премисла ја уривала истрагата околу предметот наречен ,,Империја“.  Замислете Катица тоа го правела кога Лиле Стефанова била на одмор! По второто лизгање на Лиле, полека црвецот почна да излегува на виделина. Друга обвинителка, трета по ред, извесна Елизабета Јосифовска, излегува на сцената и вели, шефицата Катица Јанева и Лиле Стефановска биле на одмор, затоа таа, не по нејзина волја, требала да ги потпишува потребните материјали поврзани со ,,Империја“.

Чудно е тоа што во нашава правна пирамида, сите важни нешта се случуваат кога видни личности од СЈО и Јавното Обвинителство одат на одмор. Зоран Заев, кој е на одмор, во неговата ФБ страница се одважува и ни порачува дека тоа што и неговото име се споменува во разговорите кои ги објавува весникот ,,Ла Верита“ било чиста шпекулација. Со сета своја енергичност Заев вели дека нема да дозволи да се валка неговото име, ќе направи се случајот ,,Рекет“ да добие  правна разврска. Сите сакаат да си ја обелат честа и името и сите се на одмор.

Види, види, колку било важно името и честа нивна. Луѓето се загрижија за нивното име и чест, ни испраќат пораки кога тие се на одмор. Половина СЈО се на одмор, премиерот Зоран Заев е на одмор, Вилма Русковска е на одмор, Катица Јанева исто така се сонча во Калитеа. Не ми е познато каде се наоѓаат Шеќеринска, претседателот Пендаровски и шармерот за надворешни Димитров кој знае да каже ,,ќе не биде“ или да се потсетиме на неговата позната мисла  дека ,,во државава работат само СЈО и кафеаните“! Сега и него никаде го нема, веројатно се лади под некоја дебела сенка и од страна ја наблудува работата на СЈО.

Додека аферата ,,Рекет“ дојде до врвот на правната и политичка  криминална пирамида сите се јавуват преку социјалните мрежи, од не знам каде,   убедувајќи не дека сето ова се шпекулации и тие нема да дозволат да се валкат нивните имиња и сопствената искрена добронамерност. Го оставија само наивниот Костадин Костадинов кој секој ден ни повторува дека, мрачните сили од ВМРО-ДПМНЕ со силни сили се трудат да ја спречат С. Македонија да тргне по патот кон НАТО и ЕУ! Што се треба да чуеме и поднесеме во овие наши извртени околности!

Разврската на сите овие драматични, криминогени и рекетарски настани треба да бидат предмет на правниот систем кој треба да профунционира и го даде последниот збор, ако сакаме да имаме правна држава. Тоа што ме чуди е следново: сите споменати личности, кои заземат важни политички позиции, сите до еден, прво што кажуват дека сакаат да го заштитат и одбранат нивното име и идентитет!? Многу од овие господа, кој директно, кој индиректно, имаа силно учество кога во Нивици го менуваа, продаваа името на државата со тоа и идентитетот на сопствениот народ. Сакам да ги прашам, што тогаш мислеа, ако воопшто нешто мислеа? Ме чуди како тогаш не   можеше да им дојде во главите мислата дека името е важно за секоја една личност со тоа и за една држава и народ. Тогаш не извалкаа, не понижија, не посрамотија, историски не обесчестија. Тогаш беа многу великодушни и дарежливи, посебно кога беа во присуство на една Могерини или на еден Јоханес Хан.

Веројатно сега и Могерини и Хан се отидени на одмор, а нашиве актери ќе ги остават да се печат на рекетарските македонски горештини. Можеби во такви услови конечно ќе сватат колку името и идентитетот се важни и свети работи.