Коле Манев
Некаде во март од 1989 година, при еден мој престој во (Сите де Арт, Интернационален град на Уметностите во Париз, госпоѓа Симон Бруно, тогашна претседателка на Управниот одбор на оваа културна институција, ме повика во нејзината канцеларија и ме праша: Општината на град Париз, по повод изборот на новиот градоначалник, организира средба на културни работници не поканија и нас од Сите де арт. Ќе одиме десетина сликари од разни земји дали би сакале и вие да дојдете?
Се разбира дека со големо задоволство прифатив. Можноста да се посети седиштето на општината на Париз е реткост и не се одбива. По два дена групата на ликовни творци од Сите де арт, на чело со мадам Бруно (така и се обраќавме на Бруно) се упативме кон општината на Париз која се наоѓа на два-триста метри од седиштето на Сите де арт. Во голем салон украсен со слики, скулптури и со тешки лустери кои висеа од таванот на просторијата, во очекување на новиот градоначалник, службеници од општината не послужија со шампањ. Во салонот беа присутни и личности од другите општини на Париз, членови на разни асоцијации како и преставници на Владата на Франција, односно на Министерството за култура. По дваесетина минути, во салонот се појави градоначалникот. Го препознав Жак Ширак, но не знаев дека ова му е трет мандат како градоначалник на Париз. Ширак кратко остана со нас присутните во раскошниот салон, но најде време, со чашата со шампањ во рака да се поздрави со секого.
Вчера, на 26 септември почина Жак Ширак на возраст од 86 години. Роден во Париз во 1932 година, детството го помина во Корез. Имал бурна и богата политичка кариера, во два наврати прв министер, во Владата на Жискар Дестан и во таа на Франсоа Митеран, три мандати градоначалник на Париз и два мандати претседател на Франција.
Основачот на музејот на Африканската култура во Париз, денес претседателот Макрон, по повод заминувањето на Ширак се обрати на нацијата. Идниот понеделник прогласен за ден на национална жалост. Еден куп политички личности – Оланд, Саркози, Жискар, Жупе, Едуард Филип – леви и десни, негови соработници или идејни противници, новинари и аналитичари искажаа почит кон починатиот претседател Жак Ширак кој, како што кажуваа тие, целиот свој живот го посвети на Републиката.
Овие редови ги напишав само да се потсетиме дека државата се гради, без разлика кој е на власт. Во прогресивниот свет Републиката се брани. За разлика од тоа, за жал, кај нас, за време на оваа власт, сопствената татковина, Републиката, немилосрдно е поткопувана и демолирана.