Франција е посветена на дијалогот со Кина, изјави француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона во Пекинг.
Посетата на Колона на кинеската престолнина е фокусирана на зајакнување на односите меѓу двете земји во областа на образованието и туризмот.
„Навистина сме посветени на дијалогот со Кина. Двете земји се постојани членки на Советот за безбедност (на ОН) и имаат глобална одговорност… да најдат одговори на големите предизвици“, рече Колона на средбата со кинескиот премиер Ли Кианг.
Кинескиот премиер, пак, рече дека „под стратешко водство на претседателот Си Џинпинг и претседателот Макрон, односите меѓу Кина и Франција од оваа година се развиваат во подобра насока“.
„Следната година ќе ја одбележиме 60-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Франција, за што двете страни вложуваат напори со надеж дека во 60-тата година ќе има голем развој и голем пробив“, рече Ли.
Колона е во Кина пред посетата на Пекинг на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел закажана за почетокот на следниот месец. Ова ќе биде прва средба на ова ниво со кинескиот претседател Си Џинпинг во последните четири години.