Ете така, дојдовме до ситуација во која си некое си мало Заевче бара да се видело дали претседателот Иванов имал право да ја донесе ланската одлука за помилување на гонетите од СЈО. Такав основа нема, тој и останатите судии се должи да ја спроведат таа одлука, па потоа нека кршат глава со нејзе, нека проверуваат, нека прават што сакаат, посебно сега кога имаат одлука на Врховен суд на земја членка на ЕУ, кој пак се повикува на европската пракса односно на Европскиот суд за човекови права.

Но, за него тоа не е битно. Тој си бара некоја Кацарска која ќе донесе одлука дека Иванов немал такво право, па макар таа Кацарска била од Врховниот суд на Горна, Илинденска или како веќе ни ја нарекле продадената државата. Ако некој таму, во Врховниот суд се буни, работата ќе се реши со помош на владеачката мафија во извршната власт и нивниот веќе испробан принцип на праќање заканувачки пораки, сето тоа искомбинарано со медиумската хајка што Заев ќе ја покрене со помош на новинарската банда која му стои на располагање.

Се разбира, можете да се обидете до 1001 и назад да образложувате со правни агументи дека тоа што Џолев го говори нема врска со реалноста и дека е најобично остварување на агендата на Заев, но од тоа ќе нема фајде, зашто во судот на Џолев, тоа се виде од примерот со екс вмровката Кацарска, правните аргументи не вредат многу. Кога имате суд во кој незаконски снимки се крунски доказ, во кој судијката забранува делови од завршен говор на обвинетиот зашто имал политички елементи, а самата држи политички говор, кога имате обвинителки со кои можете да одите во шопинг, но не повеќе од тоа, тогаш на тој суд, колку и да одите нагоре се до Врховниот, и на тоа правосудство, што би рекол народот кога сака да биде културен, тури му пепел.

Нормално, наводно загрижените ментори на Заев, кои демек коса корнеа зашто судовите биле заробени од ВМРО-ДПМНЕ, сега молчат како италијанската мафија да им истурила цемент во префинетата евроаталантска устичка. Толку од нивната наводна заложба за наводно унапредување на македонската трета власт, но со тоа веројатно не кажуваме ништо ново.

Настрана тоа што и Џолев и сите што сакаат да знаат, се свесни дека порано или подоцна, секој случај ќе стигне до Стразбур и таму одлуката нема да биде различна од таа што беше во Грција. Но, битно е во меѓувреме да водат процеси и овде да прават театри.

За да биде иронијата уште поголема, сето ова нема врска со тоа дали во делата за кои СЈО има поднесено обвинение, навистина има издржани кривични дела. Не знам што заслужиле сите оние што се наредени во обвинителните акти на СЈО. Ама кога ги темелиш твоите постапки врз основа на тоа што го видовме во случајот „мерцедес“ или врз основа на тоа што некои си т.н. новинари го глумеле инспектор Мегре, ама облечени како Питер Селерс, е прилично забегано.

Но проблемот не е во тоа. Овде, или ќе ја почитувате одлуката на Иванов или не. Ако биде ова второво, а ќе биде, тогаш истото можете да го правите и со првата наредна слична одлука. Да кажеме, таа вообичаената за 2 Август. Можете да не го ослободите помилуваниот, а потоа да ја проверувате одлуката на Иванов во наредната година-две. Недостига уште само да почнат судски да ги проверуваат одлуките на Иванов за Армијата, доколку тоа веќе не го прави Шеќеринска која неколку пати успеа да го измести шефот на безбедносните сили.

Како и да е, по оваа изјава на Џолев, имаме чисто кристална слика за тоа каков судски живот ни донесе новата власт на Заев. Таа слика, правосудните органи можат да ја исфрлат од ѕидот на кој е поставена за 24 часа, само и само доколку се држат до Уставот и до законите на оваа држава, односно до Деловникот на Собранието. На пример, во случајот со изборот на Талат Џафари. Но, сите тие судски и обвинителски величини се сокриени во своите дупки, а оттаму излегуваат само кога Заев ќе им плесне со измачените од работа на нива раченца. Зашто не верувам дека менторите на Заев се уште си ги загадуваат своите раце со мешање во обвинителството и судството. И едното и другото се ставени на оф-он колосек, а тие немаат тука веќе работа. Така, Муртино стана всушност центар за докторски титули на завршени во Јустинијан Прима. Таму, меѓу берба на две реколти краставици, со пенкало им пишуваат на судиите и обвинителите петка, се извинувам десетка, на рачињата. Браво, умни тие на мајка! Овие претходниве и кога ставаа петки, се извинувам десетки, барем имаа некакво ниво.

Патем, она што е најтрагично е што Иванов не може да се брани. Зашто не можеш да браниш своја одлука, која не се повлекува, а која си ја повлекол.

Дарко Јаневски