Иако сме самостојна држава, свежи се сеќавањата на овој празник – роденденот на Тито, денот на младоста. Ја памтиме и штафетата на младоста која цел месец се носеше низ Републиките на бившата СФРЈ придружена со звуци на песните од типот „Друже Тито ми ти се кунемо да са твога пута не скренемо“.

Многумина носталгично се присеќаваат и посакуваат да е се исто како тогаш, е па желбата им се оствари. Македонија во 2018 година започнува да наликува на Југославија од 1949 кога комунистите го изградиле познатиот логор Голи Оток, а на кој биле затворани многумина за кои било „утврдено“ дека работат против доброто на Југославија, затоа што се сталинисти, затоа што имаат демократски погледи итн. Своето место на Голи Оток го најдоа и многу Македонци кои се бореле за обединување на македонскиот народ во смисла на обединета Македонија.

Денес сме сведоци на еден политички прогон на политички неистомисленици, во политички монтирани процеси кои наликуваат токму на тие од времето на Информбирото. Се изрекуваат драконски казни за небулозни дела кои не се ни поткрепени со докази и за кои има низа процесно правни прекршувања. Пропагандата машинерија ја вергла познатата парола „криминалите на ВМРО“ за да го оправда своето делување против голем број членови на оваа партија за криминали кои воопшто не се докажани, за разлика од криминалите на Премиерот за кои судот е при очи слеп и при уши глув.

Да се сака Македонија и борбата за таа да стане просперитетна држава стана најголм грев, кој скапо го плаќа претходниот премиер Груевски, а заедно со него и неговите најблиски соработници и вработени во институциите. Паралелно со нив се судат и македонските „терористи“, родољуби кои се противеа на начинот на кој што беше урнат уставниот поредок со изборот на нелегитимен претседател на Собрание.

Овој „вмроцид“ се спроведува тенденциозно и перфидно. СЈО со истечен мандат отвора нови и нови истраги, ги проширува веќе постојните, се само за да се зголеми притисокот кон членовите на ВМРО ДПМНЕ, да се втера страв во коски, а со тоа да се делува превентивно и на другите Македонци кои не се членови на оваа партија, но кои ја сакаат својата земја и се противат на разнебитувањето на националните интереси.

Меѓутоа целата оваа хајка само го зголемува отпорот и пркосот кај Македонците, затоа што е јасно дека наведната глава сабја не ја сече, но и сонце не гледа.

М-р Мартина Антиќ