Деновиве постојано слушаме или читаме за вакви или онакви правни анализи на капитулантскиот договор со Грција. Но, сето тоа може да биде од полза во правна држава. Во оваа Македонија, ништо од тоа нема врска. Ќе ве потсетам само дека РМ е држава во која се амнестирани воени злосторства, а тоа не е можно. Освен овде. Во Македонија се поднесуваат пријави за тоа дека нејзини политичари ја довеле во потчинетост кон други земји, додека во исто време, од Пржинскиот договор па наваму, странците и јавно и директно раководат со државата. Во Македонија имаме неуставно СЈО и воглавно, освен пар исклучоци, сите молчат околу тоа. На сите им е јасно дека Уставниот суд има буквално добиено наредба да не чепка во тој предмет, но исто така сите молчат за оваа девастација на правната држава. Последниот случај со изборот на Талат Џафери, освен неколку чесни исклучоци, никој веќе не смее ни да го спомене.
Ако тоа е така, ако Македонија како правна држава не постои, тогаш јасно ви е дека од сите тие размислувања околу правниот статус на капитулацијата пред Грција нема никаква полза. Станува збор за операција од 2011 година, во која учествуваа и многу сегашни мрчатори на чии зборови сега вмровците се мократ, и тешко е да се поверува дека заради некаква правна димензија, токму оние кои ни солат памет за владеење на правото во РМ, ќе дозволат некаква си правна држава да им ја уништи целата мафијашка акција, а со тоа да им пропаднат и потрошените милиони за шарената револуција, за Сорос, за плаќање на предавничката банда новинари, на ЗНМ итн. Впрочем тие не го ставија судството под апсолутна политичка контрола, полоша и од таа што ја вршеа комунистите, и не го претворија во најобичен башибозук, за сега некој да им го меле умот со муабети за правна држава и слично. А нам во овој момент ни треба излез од катастрофата, а тој излез не лежи во правото, бидејќи тоа во овој момент во РМ не постои, ниту пак постои можност во блиска иднина да се врати, макар во оние фалшливи варијанти во кои го имаше.
Друга е димензијата со денеска пласирана информација на Игор Јанев дека целата работа ќе биде завршена така што Советот за безбедност ќе донесе нова резолуција и со тоа практично ќе биде изведено финалето на преименувањето и бришењето на Република Македонија и на Македонците. Но, и тука има една слабост. Советот за безбедност може да донесе било каква резолуција (ако тоа се случи ќе биде интересно да се видат оние кои во Русија гледаат некаков спас), но не постои резолуција која може да ви собере 80 гласа за да го смените Уставот. А без негова промена, нема ерга омнес, без ерга омнес, нема капитулација.
Се разбира, Советот за безбедност има на располагање мерки со кои може да принуди некоја држава да направи нешто што не сака: санкции, па дури и воена акција. Но, и санкциите и бомбите се присила, а овде целта е народот самиот да си потпише предавство, за да може решението да биде одржливо.
Оттука, клучот е во референдумот. Затоа многу повеќе загрижува информацијата на Крис Делисо, американски Македонец или македонски Американец, како му е помило, кој вели дека сценаристите ќе почекаат одморите да го земат данокот од протестите, односно со тек на времето, а и поради летото тие да спласнат. Потоа, или во меѓувреме, ќе се прејде на обработка на преостанатите политичари и јавни личности (новинари, на пример) кои се спротивставуваат на капитулацијата и на местењето на референдумот. После ова последново, веќе нема да биде битно дали Иванов потпишал или не. Исто како што нема да биде битно кој е за уставни промени или не, бидејќи народот гласал нели, и народот си ја изгласал Северна. Многумина мислат дека проблемот ќе го решат со бојкот, но прашањето веројатно ќе биде такво што токму тие што мислат да бојкотираат ќе мора да излезат да гласаат, а после работата за фалсификат е прилично лесна. На пример, со некое прашање од типот „Дали сте за тоа да остане името Република Македонија… “ и слично. Ако сте за РМ, ќе мора да излезете и да заокружите „да“, што значи нема бојкот, цензусот ќе се исполни, а после се е во броењето кое можете да се обложите во што сакате (само немојте како оној муртинец во децата), дека нема да биде чесно.
Ако тоа случајно не успее, тогаш остануваат вонредни избори каде местењето би било полесно, а на кои СДСМ и ДУИ би собрале 80 гласа, по што ќе можат, согласно волјата на народот, слободно изразена, нели, да го сменат Уставот.
Затоа, господо, не го замајувајте народот со „бош“ муабети, давајќи му го тоа што сака да го чуе за после да може да се храбри и да споделува по социјалните мрежи без реален ефект. Тоа што сега е нужно, е на народот да му се даде реалната ситуација. Која воопшто не е наивна, но која може да се измени од истиот тој народ, вклучувајќи го и фалсификат референдумот, ако им оддолее на манипулациите, што во овој момент не изгледа премногу оптимистичка опција. Но, друга нема. А, ако сакате правна држава, почнете од амнестијата, па продолжете со СЈО, со изборот на Талат Џафери и да не набројувам понатаму. Со тоа ќе се реши и предавничкиот договор.
Дарко Јаневски