Дарко ЈАНЕВСКИ
Малку по малку, стигнавме до тоа дека храната во последните три години поскапела за 46 отсто. За утеха, не е 47 отсто, ако тој еден процент ви значи нешто.
Во секој случај, дојдовме до ситуација кога мнозинството од народот, во буквална смисла, не може да се прехрани. Не зборувам за сите, туку за мнозинството, во кое спаѓаат и тие 500 илјади кои живеат со 200 денари на ден и тие 69 илјади кои живеат со 6о денари на ден. Што помалку и од вредноста на едно кафе во било кое кафуле.
Истовремено, просечната плата достигна 36 000 денари, но, тоа еднаш веќе го објаснував, главно се должи на фактот што последните години, според Државниот завод за статистика, 150 000 работоспособни луѓе се имаат иселено. Од нив, 50 000 со ниски примиња биле вработени, па сега, наместо 700 000 колку што имаше кога во 2017 година беше извршен пучот во Собранието, имаме 650 000 вработени. Со други зборови, се иселил голем број од оние кои имааат ниски плати и статистички, тоа ја зголемува просечната плата. Се разбира, да не го заборавиме и уделот на фамозните 78 отсто за фунционерите, кои добро ќе им дојдат на нивните напатени души оптоварени со чемерот поради тешката ситуација во која се наоѓа народот.
Кога на тоа ќе се додаде општиот грабеж што се случува во државата и милионите кои се слеваат во џебовите на избраните, наспроти оние со 200 и со 60 денари на ден, не треба да изненадува последната анкета според која ВМРО-ДПМНЕ има речиси двојна предност над СДСМ, а Мицкоски три пати поголем рејтинг од Ковачевски. Се чини, дилемата околу победникот на наредните избори е решена, а останува прашањето дали таа разлика ќе се зголемува или не. СДСМ нема што да бара на тие избори и зачудува, едноставно фрапира секојднавната слика, која покажува дека партијата, заедно со нивниот пајташ – ДУИ – не преземаат ништо за да се спасат од бродоломот што очигледно им доаѓа во пресрет.
Дали навистина можат да преземат нешто? Се разбира. На пример, отворање на еден широк антикоруптивен фронт во кој нема да биде поштеден никој, а во кој првенствени на удар ќе бидат „божествените“ владетели во последниве седум години. Всушност, едиствено нешто што може да го санира владиниот Титаник е да поведе борба против самиот себе. Зашто, не треба да се заборави, допрва доаѓа зимата кога над 50 отсто од граѓаните на РМ ќе живеат како во времето од 19 век – во една соба, а во такви услови тешко е да очекувате дека може да се создава општествена енергија која би го придвижила општеството напред и би им помагнала на СДСМ и ДУИ да ја променат перцепцијата меѓу граѓаните. Животот на луѓето едноставно е сведен на елемнтарно преживување – како да се згреат со што помалку дрва и како да останат сите со порцијата макарони купени по загарантирана цена која трае до 31 декември и тоа е единствениот резултат од фамозната Шарена револуција што го чувствуваат граѓаните.
Не знам дали му е јасно на Ковачевски, но тројно повисокиот рејтинг на Мицкоски во однос на неговиот, е всушнст јасен показател дека тој треба да си поднесе оставка и да оди на избори. Коку и да звучи тоа нелогично. Зашто Ковачевски нема да го направви тоа што треба да го направи, па неговиот рејтинг не може да се поправи и одбро е сега да оди на избори отколку после зимата, Очекуваното нивно тврдење дека анкетата е наместена, нема многу да помогне, па тоа е уште една причина за оставка по која на избори во наредните 60 дена (веќе сме имале избори во декември) би се докажало нивното тврдење или пак тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна , во овие услови, клучна грешка што опозицијата може да ја направи е да заспие на ловориките и да очекува дека резултатите од анкетата, само по себе ќе се пресликаат на избори (иако не е сосема јасно колку пратеници носат тие резултати, зашто едно е општа анкета, сосема друго се изборите во шест изборни единици и пресметките според Донтовиот модел). Посебно што ВМРО-ДПМНЕ има една мошне сериозна слабост која не сака да ја види, а таа е малиот капацитет на медиумите кои се опозиционо настроени. Цела среќа е што ништо подобри не се ни медиумите на СДСМ (кај некои од нив веќе се приметува благо сончогледово однесување), што е последица на цената што ја плаќаме кога заради Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија беше потребно нивото на медиумите во РМ да се сведе на што пониско аматерско ниво, па и под тоа, кое денес е само засилено, а не и санирано.
Како и да е, со оглед на фактот што СДСМ нема да преземе ништо на планот на борба со корупцијата, освен можеби некоја фингерајка, не може, и да сака, да ја поправи еконмската состојба, не може да ги добие уставните измени кои на СДСМ и ДУИ им се единствена политичка надеж, па остануваат во оптек две опции: едната е да продолжат како до сега, да докрадат што има остането за крадење и да чекаат некакво чудо на пролет во кое поединечно би претрпеле пораз ама групно, со странска интервенција, сепак би успеале да соберат 61 пратеник за да состават влада.
Втората опција е да го спречат натамишното тонење со итно распишување на избори, пред да настапат последиците од зимата кои за поголемиот дел од народот ќе бидат катаклизматични, бидејќи и во контејнерите нема да може да се најде ништо освен пластиката од која се направени.
Во нормална држава, всушност, овие месеци би се треселе од демнстрации, но кај нас се’ ќе помине мирно. Народот е во состојба на драматично голема апатија, што е најлошата варијанта за опозицијата, а единствена надеж на власта која ќе продолжи да работи во таа насока. Тоа треба под итно да се смени, инаку, ќе дојдеме во ситуација кога што и да се случи на изборите, нема да биде битно. Над полумртво тело, реанимацијата може да успее, но нема гаранција. А, тоа е главниот предизвик за опозицијата во овие моменти.