Александар Станковски
По објавувањето на резултатите на претседателските избори се појавуваат неколку дилеми.
- Неважечки ливчиња 5 отсто. Тоа е премногу висок процент на неважечки ливчиња за еден вака индолентен изборен турнус. Треба овие неважечки ливчиња да се проверат и да се види дали овие поништени гласови се фактор за победата на Пендаровски. Претпоставката оди во насока дека повеќе од 95 отсто од овие гласови и биле дадени на професорката Силјановска, а потоа чкртнати и претворени во неважечки со помош на експонентите на СДС во избирачките одбори. Истото се случуваше и при парламентарните избори 2016 и на локалните 2017-та. Така со саботажа на релативно голем број гласови, СДС успеа да го намали салдото на опонентот за 3, 4, 5, па и повеќе проценти. Тоа воопшто не е малку и му обезбедува на СДС најмалку 5 пратеника повеќе, одземајќи му ги на ВМРО на еден крајно подмолен начин.
- Притисоци врз администрацијата и однапред подготвеното купување гласови, но и полнењето кутии. Во многу изборни места е забележан овој феномен на крадење гласови од страната на СДС. На пример: Во едно штипско село каде моментално живеат само 10 жители, а се регистрирани 60 гласачи, се случува криминален епилог. Еден сведок кој го набљудувал изборниот процес од почеток до крај, рапортира дека само тие десет граѓани гласале, а на крајот биле испорачани 60 гласови. Значи некој (власта) ги наполнил кутиите. И вакви примери има многу. Секако власта врши притисок врз институциите задолжени за изборите лесно да ги игнорираат овие кривични дела. Така се собираат уште гласови на контото на пуленот на власта. ВМРО треба да побара истрага за овие манипулации на СДС.
- Движењето “БојкотирамПИ” го покажа своето влијание, но токму таму лежи и најголемиот потенцијал на гласови кои ако бидат дадени на Г. Силјановска, тогаш ни евентуално пазарење на СДС со партиите кои застанаа зад Б. Река за гласови во вториот круг, нема да му донесе изборна победа на С. Пендаровски. Сега движењето “БојкотирамПИ” треба да размисли дали треба да ја смени стратегијата и да излезе на гласање. Доколку излезат и го дадат својот глас за Г. Силјановска, ќе го загрозат жестоко владеењето на СДС и ДУИ и ќе иницираат предвремени избори. Со понатамошна апстиненција му олеснуваат на СДС и С. Пендаровски во вториот круг. Со нивната понатамошна апстиненција ризикуваат С. Пендаровски да биде избран зошто нивното отсуство власта ќе го компензира со поткуп на гласачите и со полнење кутии. Тоа секако движењето “БојкотирамПИ” најмалку го сака, ако се навистина патриоти.
- Алијансата на Албанците и БЕСА се опозиција во парламентот и претставуваат коалиционен потенцијал за новата власт предводена од ВМРО. Овие коалициони стратегии на опозиционерите треба да се дефинираат уште во оваа фаза. Затоа со усмерувањето на гласовите на Б. Река кон контото на Г. Силјановска, ова нова владина коалиција ќе ги добие своите контури и како таква ќе привлече уште повеќе гласачи, а победата на следните парламентарни избори ќе биде осигурана.
- Позициите на власта се жестоко потресени. Кај СДС има страотно губење на доверба од граѓаните. Истото го гледаме и кај ДУИ. Власта е фактички делегитимна со збирот на позициските и опозициските гласови. Ова треба само да се потврди на парламентарните избори. Трендот на паѓањето на поддршката на власта е повеќе од евидентен. Овој пад ќе се зголемува. Што повеќе оваа коалиција е на власт, толку полошо ќе пројдат на следните парламентарни избори. Гласачите се сега сеуште разочарани, апатични и уплашени, но со време тие ќе се охрабрат и освестат и ќе иницираат радикални промени на македонската политичка сцена. Што подолго е СДС на власт, толку полошо ќе пројде на следните парламентарни избори. Во секој случај, тие што бојкотираат, во следната фаза треба да излезат на мегдан. “Бојкотирам” ја изврши својата историска мисија за референдумот, но сега борбата е со гласање.