Страшо АНГЕЛОВСКИ

Во саботата, во Австралија, земја која според сите стандарди припаѓа на западната “демократија“, се одржа референдум на кој граѓаните требаше да се изјаснат дали се за или против, староседелците, Абориџините, да бидат внесени во австралискиот Устав. Резултатот е веќе познат, Австралијците со огромно мнозинство се изјаснија против отворањето на Уставот и внесувањето на Абориџините во него.

Малку најкратка историја: Австралиските староседелци таму егзистираат веќе 42.000 години. Велика Британија во 1770 година ја запоседнала источната половина на островот, каде ги испраќала осудените издржуватели на казна заради најразличен криминал во колонијата наречена Нов Јужен Велс, која е формирана на 26 јануари 1788 година. Како растел бројот на испратените криминалци, растел и бројот на жители, па биле формирани уште пет големи автономни британски прекуморски територии. Денес, Државната Заедница Австралија, како сојузна парламентарна уставна монархија (што и да значи тоа), за монарх го има британскиот принц Чарлс III и, воспоставила, според нивните стандарди, стабилен либералдемократски политички систем.

За жал, во саботата, како впрочем и во сите држави од “колективниот запад“, современиот нацизам целосно ја порази демократијата. Внуците на доселените криминалци, но и доселениците од стотици земји, кои денес се “горди“ Австралијци, меѓу кои и многумина со потекло од Македонија, гласаа против отворање на Уставот (кој не е отворан 122 години) и внесување на домородното население во него. Она население чии претци ги ликвидираа како животни, она население кое го истребуваа како болви во сопствената постела, она население кое го доведоа до раб на исчезнување и кое со својата бројност не се заканува никому. Нацизмот, како расистичка идеологија, и се случи на Австралија, зашто што е ако не расизам, невнесувањето на Абориџините во Уставот само заради нивното потекло? Сетете се на Германија од 30-те години на минатиот век.

Притоа, ниту една држава од западните “демократии“ не реагираше, ниту една не го осуди ваквиот цивилизациски поразителен резултат. Притоа, ниту една од “демократските“ држави кои вршат невидени притисоци врз Република Македонија за отварање на Уставот и внесување на 3.500 тукушто освестени Бугари во него, не изврши притисок врз “либералнодемократската“ Австралија да го отвори Уставот и да ги внесе Абориџините во него. Едни стандарди за по дома, а други за по надвор.

МОЖЕБИ И ПАЛЕСТИНЦИТЕ СЕ АБОРИЏИНИ, КОЈ ЗНАЕ

Во меѓувреме се случи нешто страшно. Се случи терористичкиот напад на Хамас врз Израел. Ужасен, суров и нечовечки. Напад кој го збуни светот, го урна митот за некои тајни служби, но и предизвика сомнежи во центрите на неговата подготовка (за ова ќе биде наменета мојата следна колумна). Се случи напад чија суровост ја осуди целиот нормален свет. Имаше невини жртви, имаше случаи на суровост и изживување и, сето тоа, нормално, е неприфатливо за нормалниот човечки ум. Па, и западните “демократии“, како што е редот, сочувствуваа со израелските жртви.

Но, веднаш потоа ја започнаа својата веќе позната пропагандна игра. Извлекуваат поединечни судбини на жртвите, од тоа прават трогателна приказна која ја шират по сите медиуми и создаваат омраза кон извршителите на злосторството. Притоа, омразата ја насочуваат кон палестинскиот народ, а не кон Хамас како извршител на тероризмот. Сатанизираат еден цел народ и повикуваат на негово уништување, што е веќе виден нацистички метод.

И, штом малку се созеде, израелската држава го започна она што најдобро го знае. На терористички акт одговори со геноцид. Па, почна неселективно да ја гранатира Газа, да урива до темел се’ што постои, да уништува згради со цели семејства со по девет деца во нив, да ја сопира електричната енергија и дотокот на питка вода во Газа, да бара евакуација на повеќе од милион Палестинци во рок од 24 часа…

Западните “демократии“, оние кон кои и нас не’ води “европскиот пат“, побрзаа да му дадат целосна поддршка на Израел во неговите акции. Па, не само што не се обидоа да побараат селективни напади врз центри на Хамас, а не врз невини жртви во целата Газа, туку цврсто застанаа во поддршка дури и на исклучувањето на електричната енергија и дотокот на питка вода за повеќемилионско цивилно население. Застанаа во поддршка на геноцид, на невидено злосторство против човештвото, само заради расна основа, бидејќи токму Палестинците се Абориџините од Блискиот Исток.

Со ова, западните “демократии“, за жал, веќе не го кријат современиот нацизам во своите општества. Современ нацизам како начин за останување на власт на инсталираните малцински влади наспроти сопствените народи. Современ нацизам, кој тргна од Украина, за да полека но сигурно, ги “зарази“ западните “демократии“. Современ нацизам кој токму ние Македонците најдобро го чувствуваме во неговиот обид за бришење на нашето постоење.

Бидејќи ние Македонците, сме европските Абориџини.

(авторот е претседател на МААК)