Страшо АНГЕЛОВСКИ

Заради посетата на господинот Петков на Македонија и заради неговите непримерени изјави, ќе преповторам неколку историски факти, со кои не би било лошо и тој да се запознае. И, ќе се обидам да ги скратам до соголеност за да не бидат досадни за читателите, а да ја доловат суштината на нештата.

1. Во 1648 година во Оснабрик и Минстер, после триесетгодишна војна на тлото на Европа, најмногу во Чешка и Германија, потпишан е Вестфалскиот мировен договор. Триесетгодишна војна, поттикната од и денес актуелните причини – верска надмоќ и територијални претензии, посебно меѓу Хабсбуршката и Бурбонската династија. Со Вестфалскиот договор престанува власта на Светото Римско Царство врз Европа, протестантизмот и калвинизмот стануваат признаени религии, а Швајцарија и Холандија се стекнуваат со независност. Со тоа, Холандија станува и единствената европска држава во која Евреите имаат слобода на вероисповест. Со овој договор започнува новиот “светски поредок“, потпрен на следните принципи:

– принцип на суверенитет на државите и фундаментално право на самоопределување

– принцип на еднаквост помеѓу нациите

– принцип за неинтервенирање на една земја во внатрешните прашања на друга земја.

Па, така, за прв пат се формираат нации и држави, онакви какви што денес ги знаеме и заживува двојството нација – држава. Наједноставно речено, во западнохристијанска Европа се исколчуваат територии, со што се обележуваат границите на државите и, сите народи кои се затекнале во така исколчената територија ја формираат нацијата во таа држава.

2. После повеќе од двестотини години, сега веќе етаблираните и моќни западнохристијански држави, посебно Франција и Британија, заради побрза и целосна победа против Отоманската империја, според вестфалските принципи на нација – држава, наметнувајќи свои кралски семејства, на Балканот и на Арапскиот Полуостров, создаваат кнежевства, кралства, султанати… Создаваат држави во рамките на Отоманското царство кои преку своите битки за независност треба да ја ослабнат моќта на империјата. На Балканот ги создаваат кнежевството Бугарија, Кралството Грција, а на Арапскиот Полуостров многубројните државички како Кувајт, Оман, Саудиска Арабија…

При нивното формирање, во исколчените граници на картите во Париз и Лондон, во вака формираните држави остануваат “затворени“ делови од повеќе народи. Во кнежеството Бугарија, на пример, кое зафаќа територии од Македонија, Мизија и Тракија, покрај малубројните припадници на старите бугарски племиња кои ги обединил хан Кубрат, а чие прво царство го создал хан Аспарух во седмиот век, останале да живеат и останати мали етнички групи, а мнозинството го сочинувале Македонците. Со создавањето на нацијата во веќе исколчената држава Бугарија, Македонците стануваат најмоќното ткиво на така создадената нација, а македонскиот јазик, кој бил единствен жив јазик, станува официјален јазик на државата. Со приливот на бежанците од егејскиот дел на Македонија во 1912 година, бројот на македонско население во Бугарија значајно се зголемува. Така, македонскиот народ и македонскиот јазик претставуваат клучна алка во создавањето на бугарското двојство нација – држава.

Денес, оној дел од македонскиот народ кој, според Букурешкиот договор од 1913 година остана одвоен од својата целина, овде, во таканаречената вардарска Македонија, одново формира двојство нација – држава. Македонската држава и македонската нација, со официјален македонски јазик.

Свесни за фактот дека ниту една нација не може да изврши повратен процес, па од нацијата да создаде народ (ниту грчката, ниту бугарската нација, кои реално постојат, не можат да го вратат процесот наназад па да формираат грчки или бугарски народ, кои реално не постојат), а дека секој народ, колку и да го уништуваш и попречуваш, еден ден може да создаде нација, Софија и Атина, со сите антицивилизациски и нечовечки методи, а последниве години се’ позасилено, работат само на едно – бришење на македонскиот народ и неговото целосно постоење.

За жал, под покровителство на Брисел, штедро помогнати од домашните неосознаени, антимакедонски, доларомански и еврофилски климоглави политичари, уценети од ДУИ и неговата големоалбанска политика, Софија и Атина и нивните официјални политики, процесот на бришење на македонското постоење, го водат кон успешна реализација. Тој процес претставува целосна ревизија на вестфалските принципи:

– принцип на суверенитет на државите и фундаментално право на самоопределување

– принцип на еднаквост помеѓу нациите

– принцип за неинтервенирање на една земја во внатрешните прашања на друга земја

Ревизија, започната со процесот на глобализација, според кој процес е создадена и Европската Унија. Имено, бидејќи се погласни стануваат барањата за формирање “природни“ држави, или етнички чисти држави на постоечките народи, токму ЕУ е создадена да ги зачува националните држави според вестфалски принцип, а, со непостоењето граници и заедничката валута, на народите да им даде привид дека живеат во “природна“ држава. Ревизија, најотворено поддржана токму од таа и таква ЕУ, спроведувана од Софија и Атина.

Со тоа, ревизијата зема замав, а токму македонскиот народ може да биде една од најголемите жртви на тој процес.
Постоењето на еден цел народ, жив и активен, народ со свој јазик, култура и обичаи, народ со вековен стремеж за создавање држава и нација, е доведено во прашање. Единствено ние, Македонците, можеме да го спречиме тој процес. Ние и никој друг, ние и без ничија помош.

Зашто, македонското постоење е македонско прашање. Колку и да сакаат тоа прашање да го затвораат, ние ќе го отвораме повторно и повторно. Затоа што сме постоеле, постоиме и ќе постоиме.
Во тоа име, денес на Богојавление, Водици:
Бог се јави.
Навистина се јави.
За сите, па и за нас Македонците.

(авторот е претседател на МААК)