Дарко ЈАНЕВСКИ

Во Библијата постојат две приказни за раѓањето на Исус, едната кај Матеј, другата кај Лука.

Кај Матеј, Исус се раѓа, на небото се појавува ѕвезда, таа ги води мудреците, прво до Ерусалим кај Ирод, а потоа до Витлеем, тука тие го наоѓаат Исус во куќа, а не во пештера, а потоа заминуваат во спротивен правец од Ерусалим.

Ирод побеснува, наредува убиство на децата до две години во Вителеем, ангел го предупредува Јосиф, а тој со Исус и Марија бега во Египет. Сите заедно се враќаат по смртта на Ирод и се населуваат во Назарет.

Кај Лука приказната е малку поразлична. Јосиф и бремената Марија живеат во Назарет, доаѓа наредба за попис од императорот Август во време на владеењето на гувернерот Квириниј кој всушност стапнал на функцијата во 6 година од н.е., кога според Матеј, Исус би требало да има најмалку 10 години, одат во Витлеем, таму нема место во гостилницата, па Марија се пораѓа (не се споменува каде) и го сместува бебето во јасли, а потоа по 40-тиот ден го носат бебето во храм во Ерусалим на претставување, по што се враќаат во Назарет.

Значи, кај Лука нема бегство во Египет, детето не е во куќа како кај Матеј, туку во пештера или штала сместена во пештера (јаслите се дрвен сад за хранење добиток), додека пак кај Матеј нема попис, нема овчари…

Како и да е, од двете приказни, со малку напор, некако и може да се склопи еден течен наратив, но пречи клучниот елемент – бегството во Египет поради наредбата за убиство на децатат во Витлеем од Ирод и времето кога раѓањето се случило. Ирод умира во 4 година п.н.е., што значи според Матеј, Исус се родил во времето пред тоа, додека кај Лука, Исус се раѓа многу подоцна. Навистина, според некои историчари можно е да постои некој Квириниј во 11 година п.н.е. (според неговиот лик на паричка од таа година), но тоа, пак, е премногу рано за раѓањето на Исус. И, се разбира, пак да се вратиме на клучниот момент – кај Матеј, Јосиф и Марија со Исус бегаат во Египет, а кај Лука, од Витлеем одат во Ерусалим и оттука во Назарет.

Од теолошки аспект гледано, ова е безначајно. Библијата е Божји збор и тука нема што да се дискутира. И тоа е така. Во крајна линија, секогаш постои нешто што ние на овој степен од развојот можеби и не можеме да го сфатиме или доловиме и што ја решава наводната спротивставеност.

Но, гледано од аспект на историчар кој го проучува тоа време, работите не стојат така. Се разбира, можно е некој од двајцата, Матеј или Лука да згрешил, иако првиот е Исусов апостол, а вториот е близок соработник на апостол Павле, кој самиот вели дека го напишал Евангелието „откако испитав сѐ од почетокот“.

Но, независно од тоа што и двајцата се во врвот, останува податокот дека двете приказни не „пасуваат“ една со друга. Историски гледано, тие не се дел од беспрекорно создаден швајцарски часовник. Значи, како да се реши дилемата?

Ќе го оставиме тоа за друга прилика. Во крајна линија, во историјата има многу приказни за ист настан кои се различни или различно се толкуваат. За многу од нив, порано или подоцна, коцките се склопуваат, откако ќе се дојде до нови сознанија, нови размислувања или едноставно откако ќе дојде времето настанот и различните приказни за него да се сфатат.

Но, каква врска имаат приказните на Матеј и Лука за раѓањето на Исус, со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија?
Поентата е токму во погоре кажаното. Кога ние би ги решавале проблемот по наш терк, кога некој тоа од нас би го побарал, спорот би го решиле со Димитров, Заев и компанијата и со историски комисии. Па или би потпишале дека се откажуваме од Евангелието на Матеј или дека се откажуваме од Евангелието на Лука (како што се откажавме од терминот Македонија и Македонци потпишувајќи дека тој е дел од античкото грчко наследство со што како експериментални глувчиња влеговме во бугарската замка) и би формирале историски комисии кои би преговарале со спротивната страна за тоа дали е верно тоа на Матеј или тоа на Лука. Дали имало бегство во Египет или не. Откако претходно би избрусиле едно од двете евангелија од Библијата! Значи, брусилицата в рака и од четири евангелија во Библијата, ние би добиле три. За внатрешна и надворешна употреба. А, на местото на избрусеното Евангелие, би ставиле три коси црти. А во заграда би ставиле слика од смрзнатото месо со кое, според Драган Ковачки, Шеќеринска ја рани нашата НАТО војска.

Оттука, да се земе брусилицата в рака за некоја од приказните за еден ист историски настан, само затоа што некому не му се допаѓа таа приказна, не е баш многу умно. За акдемски и научно, пак, воопшто и да не зборуваме! Оти тоа претполага дека сте ја откриле апсолутната вистина. Дека сте Бог! Кој ако се во право теолозите, тогаш има своја промисла зошто двете приказни за раѓањето на Исус не се како „јајце на јајце“.

Јасна ли ви е сега траги-комичноста на поддржувачите на двата договора, вклучувајќи ги и тие кои седеа раменце до раменце со Заев, се сликаа со него искезени како да седат со месија, а не со Јуда, а кои сега добија дозвола да врескаат против Бугарскиот договор, па глумат патриоти, на општ восклик на оние другите?

И на крај, за тоа што самите сме се понижиле, сега виновник бараме во некој пеач и водител како Слави Трифонов? Па, шутракот само се зае*ава со нас! Веројатно веќе спремил и камион со брусилици, како донација за Северна. За да го брусиме Гоце или да му ставиме табла дека тој е дел од бугарското културно и историски наследство.

Како и да е, нека Ви е честит Божик. Имајте многу здравје, среќа и радост! Ах, да, и не заборавете да поминете низ собите, да не сте оставиле некаде запалена сијалица. Оти, ефтинава тарифа некако многу скапа испадна. Божик или не, бројчаникот на „Животот“ врти!