Страшо АНГЕЛОВСКИ

Денеска, како член на делегацијата на Советот на град Скопје, имав можност да се поклонам пред споменикот на 7.144 македонски Евреи депортирани на денешен ден пред 79 години во нацистичките логори на смртта. И сите присутни повторуваа, кој гласно, кој во себе – “било, да не се повтори“.

И, молчешкум ве преплавува сето она што сте го чуле, прочитале или виделе за страдањата на Евреите од целиот свет, за Холокаустот, за антисемитизмот, за хистеријата со која се сатанизираа Евреите од страна на нацистите до степен на невидена омраза, како подготовка за погромот кој следуваше. И нормално, разумот бара објаснување, бара враќање назад пред стотина години, бара корени на ова зло. Разумот бара да го преповториме она што веќе го знаеме.

А што, всушност, знаеме? Ги знаеме ли вистинските корени на злото? Што знаеме за нацизмот?

Најпрво да се запознаеме со Фридрих Фон Хајек.

Роден во 1899 година во Виена како Австриец, каде живее се’ до 1938 година кога се сели во Велика Британија и станува Британец, па важи за австриско-британски економист и филозоф кој во 1974 година ја дели Нобеловата награда за економски науки, а во 1991 година, од рацете на Џорџ Буш постариот го добива “Претседателскиот медал на слободата“, кој, меѓу другите, го добиле и Тони Блер, Медлин Олбрајт, Бил Клинтон, Дик Чејни, Џо Бајден… Според Хајек, националсоцијализмот (нацизмот) претставува само кулминација на долга традиција на мислители, посебно од социјалистичка (Вернер Зомбарт) и социјалдемократска провиниенција (Јохан Пленге и Паул Ленч), како творци на клучните идеи со кои се послужиле непосредните идеолози на националсоцијализмот како што се: Освалд Шпенглер, Отмар Шпан, Карл Шмит… Врз основа на тоа, Хајек го означува нацизмот како чисто социјалистичко, што ќе рече, движење на левицата.

Врз основа на вака изградената идеологија, во Германија, на 5 јануари 1919 година е формирана Германската работничка партија, под водство на Антон Дрекслер, за да на 1 април 1920 година биде преименувана во Националсоцијалистичка германска работничка партија, а на 29 јули 1921 година, Адолф Хитлер станува нејзин водач.

И, најкратко, под водство на Хитлер партијата доживува подем благодарение на “успешното“ пронаоѓање заеднички непријател за сите во Германија, Евреите. Па, на собирот во Минхен, во официјалната програма на партијата, презентирана преку 25 точки, во три точки е вклучено и “Еврејското прашање“, преку “ослободување од моќта на Евреинот“, преку “обединување на антисемитите низ светот“, до повици за “Конечно решение и отстапување на Евреите од човечката околина“.

Некаде во 1933 година започнува вистинската хистерија во обвинувањето на Евреите за виновници и ширење невидена омраза кон нив, само затоа што се различни, што не се како нив, па, кршејќи ги двата основни принципи врз кои почива “западната демократија“, неприкосновеноста на приватната сопственост и слободата на говор и мислење, Хитлер непречено почнува да се справува со заедничкиот “непријател“, Евреите. Најпрво срамежливо и во поединечни случаи, а потоа систематски биле палени и конфискувани еврејски имоти (само затоа што биле еврејски) со што била згазена неприкосновеноста на приватната сопственост, биле палени и забранувани еврејски книги, биле забранувани сите видови еврејски уметности, биле забранети весници во сопственост на Евреи со што била уништена слободата на говорот, на Евреите им било забрането да учествуваат на спортски натпревари и на какви и да е собири (само затоа што биле Евреи) на кои сите останати ги имале своите права.

Така “прооде“ и ги направи првите чекори нацизмот. Останатото е историја на која се сеќаваме и велиме “било, да не се повтори“.

НЕОНАЦИЗМОТ ГИ ПРАВИ ПРВИТЕ ЧЕКОРИ

Што се случува денес?

Веќе со години наназад се сатанизира еден народ и една држава како единствен и заеднички непријател на “западната демократија“. Најпрво срамежливо и во поединечни случаи тој народ и таа држава беа казнувани со санкции, вакви или онакви, само затоа што се различни, што не се како нив, како “западните демократи“. Станува збор за Руската Федерација и рускиот народ. И, откако беа означени како непријател, започна хистеријата на ширење омраза против народот и државата. Беа провоцирани преку со крвав воен удар инсталирана власт во Украина, преку нескриено фашистичкиот Азовски батаљон и неговите ѕверства врз руското население во државата, а делот од рускиот народ кој живее таму, според дефиницијата на ООН, со забраната да го говори мајчиниот јазик, веќе беше подложен на геноцид.

Па, од ден во ден, деведесеттина години подоцна, стануваме сведоци на кршење на двата основни принципи на кои е потпрена “западната демократија“ – со конфискација и уништување на имоти на луѓе низ целиот свет само затоа што се Руси по потекло, се прекршува принципот на неприкосновеност на приватната сопственост, а, со забраната за емитување на сите медиуми на руски јазик низ целиот “демократски“ свет со цензура невидена до сега, и вториот принцип на непречена слобода на говор и мислење.

Во меѓувреме се забрануваат културни настани каков што беше, на пример, вечерта на руски романси во Скопје, само затоа што се руски, се палат руски училишта, како она во Германија, само затоа што е руско, се забрануваат театарски претстави на автори само затоа што се Руси, на најблагородните суштества на планетава, спортистите, им се забрануваат настапи на сите можни спортски натпревари само затоа што се Руси.

Вака “проодуваше“ и започна да чекори нацизмот пред деведесеттина години, срамежливо и премолчано од мнозинството, да чекори со омраза кон човечки суштества само затоа што беа различни, само затоа што беа Евреи. Вака денес, срамежливо и премолчано од мнозинството “проодува“ и започнува да чекори неонацизмот со омраза кон човечки суштества само затоа што се различни, само затоа што се Руси.

Методите се исти, пропагандната машинерија е иста, “западната демократија“ е иста, само што тогашните идеолози, според Фридрих Фон Хајек, социјалистите, денес се преобразени во неолиберали.

Војната која се води во Украина е најнепосакуваното нешто, војната мораме да ја осудиме сите, војната мора час поскоро да стивне и во тие напори светот мора да биде обединет. Но, двојно повеќе треба да се обедини во напорите да се спречи “проодувањето“ на неонацизмот додека уште има време, зашто резултатите од неговото повампирување ни се познати на сите, за нив велиме – било, да не се повтори.

(авторот е претседател на МААК)