Страшо АНГЕЛОВСКИ

За нештата да станат појасни, за да можеме со отворени очи да ја гледаме блиската иднина, за да не се залажуваме по датумот за преговори со ЕУ како лисицата по бравот, мораме да направиме кратка анализа на процесите на миграција кои се случуваат околу нас. Но, погледнато од другата страна, со очите на мигрантите, на несреќниците.

Сведоци сме на масовни преселби од просторите на Блискиот исток и северот на Африка кон државите од богатата или, поточно речено, западнохристијанска Европа и, од сиромашните јужноамерикански држави, кон богатите западнохристијански Соединети Американски Држави. И, иако оддалечени илјадници километри, обата процеси на движење на мигрантите имаат една заедничка, дури идентична карактеристика.

Најпрво за мигрантите кои со години наназад се обидуваат на секаков начин и по секоја цена, дури и по цена на сопствените животи, да стасаат во богатите западнохристијански, европски држави. Во нив можеме да препознаеме неколку категории луѓе.

  1. Можеме да ги препознаеме оние кои се дел од највносниот бизнис на денешницата – трговијата со луѓе. Тоа се оние поединци и групи кои први пристигнуваат и се сместуваат во прифатните центри за бегалци и мигранти во државите кои се наоѓаат на рутата на нивното минување, меѓу кои е и Македонија. Тоа се оние поединци и групи кои тука ги пречекуваат своите “сострадалници“, им обезбедуваат сместување и се што им е потребно за привремен живот во државата во која пристигнале, за што “дебело“ им наплатуваат, а потоа, за неколку илјади евра, преку црните премини ги префрлаат во наредната држава од синџирот, на патот кон замислената среќа.
  2. Можеме да ги препознаеме ситните и покрупни криминалци за кои ветениот убав живот е криминалот во богатите западнохристијански европски држави, но и оние кои, според документот од Конференцијата на исламските држави во Џеда, во 1988 година за исламизација на Европа, се упатуваат кон целта заради исполнување на оваа “света“ мисија, како и потенцијални сторители на терористички акции.
  3. Можеме да ги препознаеме и оние вистински страдалници и несреќници кои таму некаде, во сопствената држава, останале без ништо никаде, останале без можност за живот и преживување и токму тие се луѓето кои најчесто страдаат при несреќи со чамци или бродови, затоа што во својот очај, се подготвени на се за да се доберат до можноста да преживеат.

И сите тие, вакви или онакви, имаат една заедничка судбина, сите тие тргнале по “своето“, тргнале по она што им припаѓа. Имено, сите тие, го почувствуваа ужасот на неможноста да се преживее, откако богатите западнохристијански држави, преку својата ударна тупаница, НАТО, влегоа во нивните држави за да им “донесат демократија“. Всушност, во својата алчност, влегоа за да овозможат непречен пристап за себе, токму до нивните природни богатства, токму до она што им припаѓа на нивните држави. Па така, заради богатството што го поседуваат, “демократијата“ им беше донесена на Ирак, на Либија, на Сирија… Заради “демократијата“, државите им беа разурнати до темел, животот на луѓето им стана пекол, а, некако “случајно“, нафтата и останатите богатства станаа сопственост токму на “носителите на демократија“.

Затоа денес, тие, луѓето од разурнатите држави, тргнаа по овој пат, по патот на сопственото богатство, по патот на она за кое знаат дека е нивно, а дека им е украдено. Тоа истото се случува и со несреќниците од ограбените држави од Јужна Америка, кои во потрага по сопственото богатство, кое им е украдено, во непрегледни колони се движат кон границата.

И, бадијала Трамп гради ѕидови за да се заштити од нив, бадијала Орбан крева метални огради за да го спречи нивниот наплив, бадијала Салвини не им дозволува пристап на бродовите полни со нив на својот брег.

Зашто, додека Трамп, свесен за опасноста од неконтролирана миграција го гради ѕидот, американската “длабока држава“ продолжува со изведување државни удари во земјите од Јужна Америка, заради грабеж на нивното богатство. Додека Орбан и Салвини се свесни за опасностите, европската “длабока држава“ отуѓените, преплатени бирократи од Брисел, во својата ненаситност, ја поттикнуваат натамошната миграција.

Кон ова, само уште податокот дека 5 проценти од најбогатите, поседуваат 90 проценти од светското богатство, јасно ќе ви покаже дека, всушност, овие несреќници тргнуваат во борба за порамномерна распределба на светското богатство и дека овој процес како темпирана бомба, ќе продолжи уште со децении. Процес предизвикан од алчноста на американската и европската “длабока држава“. Процес, кој немаше ниту да започне доколку не беше легализиран грабежот на туѓо богатство и крајно неправедната распределба на богатствата на човештвото.

Зошто е ова битно за Македонија?

1.Заради понудениот “мал Шенген“ за Србија, Албанија и Македонија, кој, покрај она што веќе го напишав – опасноста во таквата заедница токму Македонија да биде поделена на сфери на влијание меѓу Србија и Албанија, со несогледливи последици, може да биде и замка од која не ќе можеме да се извлечеме.

Имено, доколку креаторите на рутата на движење на стотиците илјади мигранти, како “мек стомак“ ги зацртаат пристаништата во Албанија, па наредниов период имаме неконтролиран прилив на мигранти кои, нормално, непречено ќе се движат на територијата на целата малошенгенска заедница, многу реално ќе биде натамошно целосно затворање на “вистинскиот“ во однос на “малиот Шенген, па, ние, “среќниците“, да останеме заробени во својата “успешна“ приказна – “малиот Шенген“.

2.Апсурдната ситуација во врска со Турција, со државата која станува клучен фактор во регионалната, но и фактор за почитување во светската глобална политика. Имено,токму Турција,силата која со векови и се закануваше на западнохристијанската цивилизација, која со векови се наоѓаше пред ѕидините на Виена, како порта кон западнохристијанска Европа, денес е единствената одбрана токму на ѕидините на Виена, како порта за влез во западнохристијанска Европа на милионите мигранти.

И, доколку е тоа така, доколку западнохристијанска Европа се потпира на својот вековен “непријател“ во заштита од мигрантскиот бран и, доколку се навратиме на изјавата многупати повторена од турски официјални лица, а првпат кажана од тогашниот министер за надворешни работи на Турција, Давутоглу, на конференција во Сараево пред 9 години, дека “приоритет на турската надворешна политика е возобновување на отоманските вредности на Балканот“, се наметнува една можност. Се наметнува можноста, европската “длабока држава“, бирократите од Брисел, како најефтина варијанта за себе за да и се оддолжат на Турција, наместо ветените милијарди евра, да и ги подарат земјите од таканаречениот Западен Балкан во нејзина сфера на влијание.

Со тоа, старата поговорка “и волкот сит и овците на број“ го добива своето вистинско значење. Па така, западнохристијанска Европа ќе остане под заштита од Турција од бранот мигранти, истовремено ќе се ослободи од за неа непосакуваниот товар во друштвото – државите од “западен Балкан“, а Турција ќе го добие својот дел на влијание.

Го пишувам текстов како предупредување што се може да и се случи на држава со несериозна и неспособна власт како нашава, држава која сопствената надворешна политика ја гради на лажни ветувања  и лажни “пријатели“. Оние кои те гушкаат, ти ја земаат вратоврската, ти го даваат пенкалото за бакнеж.

Држава, за жал, “блескав“ пример за можна темна иднина.

(авторот е претседател на МААК)