Страшо АНГЕЛОВСКИ

Повод за денешниов текст е средбата со еден познаник и краткиот разговор со него. Човекот, многу близок до СДСМ, го гледам среќен и насмеан, па го прашав дали е задоволен од потезите на оваа влада, од промената на името,од бришењето на македонскиот идентитет, од… Одговорот, претпоставувам, веќе го знаете. Тој е ист на сите поддржувачи на злосторството што се врши врз македонскиот народ – “сега кога ќе станеме членка на НАТО и ЕУ, децата ќе можат слободно да ни се движат и да ни живеат низ европските држави“. Па светла иднина, па богати, среќни и задоволни.

Се разделивме, зашто секој натамошен разговор, уште непочнат, веќе загуби смисла. Зашто, станува јасно дека таквите луѓе “животот за сите“ го замислуваат далеку од сопствената татковина, далеку од сопствениот народ, станува јасно дека “животот за сите“ бил замислен единствено како час поскоро државава да се “исчисти“ од македонските деца, за да се создадат “европски“ деца. Деца, ослободени од врската со македонското село во кое се уште живеат баба им и дедо им, ослободени од носијата што како реликвија, со гордост се чува во некој од долапите, ослободени од “селската“ музика со единствениот македонски фолклор, ослободени од се од што се срамат бидејќи е македонско, а не “европско“.

А народот? – Што е битен народот! А името? – Што е битно името! А историјата? – Што е битна историјата! А Македонија? – Што е битна Македонија! – “ Па ние ќе бидеме членка на НАТО и ЕУ, ееееј на НАТО и ЕУ. Па дури, замислете и Америка е со нас, ееееј Америка“.

Верувам дека многумина од вас ги чуле овие папагалски оправдувања за злосторствата што се вршат, зашто, најлесно е сопствените поддржувачи да ги држиш во лажна реалност токму преку иднината на нивните деца. Па уште кога ќе си ја испратиш ќерката во сопствениот стан во Холандија, со државна стипендија од 40.000 евра годишно (пари од буџетот кој сите го полниме) и ќе им кажеш дека еден убав ден тоа ги чека и нивните деца, тие, поддржувачите, чекајќи ја стипендијата и станот во Холандија, ќе си ги продадат и сопствените деца. Оние де, заради чија иднина, нели, го поддржуваат уништувањето на македонската држава и македонскиот народ.

Не бадијала, големиот војсководец Наполеон Бонапарта рекол дека “будалиот има голема предност пред паметниот човек – тој секогаш е задоволен со себе“.

За среќа, во Република Македонија се уште постојат луѓе кои не се задоволни, ниту со себе, ниту со она што ни се случува. Тие и таквите точно знаат дека секој народ има свои вековни стремежи и идеали. Точно знаат дека се тоа колективни стремежи и идеали кои се пренесуваат од колено на колено, од генерација на генерација, за да се остварат кога тоа ќе биде можно. А потоа, потоа да се чуваат како очите во главата. Но, точно знаат и дека во секоја генерација се раѓаат и луѓе подготвени да ги продадат стремежите и идеалите на сопствениот народ заради малку богатство, заради малку хедонистички задоволства, заради “децата во Европа“, но и заради слугување на туѓи интереси и агенди.

Вековните идеали и стремежи на македонскиот народ се содржани во три свети збора – слободна, независна и обединета Македонија. За тие стремежи и идеали низ вековите се сонувало, се живеело и се умирало. И се гинело херојски во борбите против сите кои стоеле на патот на нивното остварување.

Денес, за жал, ниту еден од овие вековни стремежи и идеали на македонскиот народ не е остварен. Ниту Македонија е слободна, според правото и правдината; ниту е независна, според надворешните влијанија; ниту е обединета, според поделбата со Букурешкиот договор; ниту, што е најстрашно, продолжува да суштествува како Македонија, според Преспанскиот договор. Тоа ќе рече, дека ние, оваа генерација Македонци, имаме обврска да ја продолжиме вековната борба за остварување на вековните стремежи и идеали на нашите предци, а сите кои стојат на патот на нивното остварување, со полно право, да ги сметаме за непријатели на нашиот народ. Надворешни или внатрешни, сеедно. И нормално, како кон такви и да се однесуваме.

Македонскиот народ, можеби својата најголема битка во својата најнова историја, ја започна токму на денешен ден, 30-ти септември, минатата година. Битка против оние кои застанаа на патот на остварување на нашите вековни стремежи и идеали. Битка против најмоќната сила на денешницата, неолибералниот, глобалистички, злосторнички, антицивилизациски монструм и неговите внатрешни слуги. И, македонскиот народ, мал но горделив, памтејќи ги вековните идеали оставени како аманет од нашите претходници, ја извојува првата победа против ова зло. За жал, оваа наша “војна“, против најмоќниот непријател на човештвото ќе трае уште долго и ќе мораме да извојуваме уште многу битки за да на крајот ја добиеме. И, за да ги оствариме вековните стремежи и идеали, запишани во колективното сеќавање на македонскиот народ – слободна, независна и обединета Македонија.

Но, денес, 30-ти септември, на денот на надежта, верата, љубовта и мудроста, македонскиот народ ја слави првата годишнина од победата над најголемото зло на човештвото, кога на нелегалниот референдум со молк посилен од татнеж, ја порази идејата за себеукинување, а со сите сили наметната од центрите на неолиберално глобалистичкиот монструм, сесрдно помогната од сите “пријателски“ соседи.

А надежта,верата,љубовта и мудроста уште од времето на Исус и Јуда биле посилни од голото среброљубие.

Нека ни е за многу години.

(Авторот е претседател на МААК)