Страшо Ангеловски

Требаше да поминат овие неколку денови за да престанат да течат солзите радосници, за да престане намовнувањето на кожата на секое споменување на “Вардар“ и неговиот величествен успех, за да може да се седне пред компјутер и, со најмал можен притисок од емоции, да се напише текст.

На почетокот да им заблагодарам на оние стотина илјади луѓе на аеродромот Александар Македонски и на плоштадот Македонија во Скопје и на уште стотици и стотици илјади кои не беа таму, а, гласно, или во себе, извикуваа “Никогаш северна, само Македонија“, зашто ми го посочија насловот на текстов. Зборови кои се уште татнат во душата и не ти дозволуваат ниту да јадеш, ниту да спиеш, туку само да сонуваш во нивниот ритам. Да го сонуваш сонот на вечното постоење на еден непокорен, мирен, но горд и достоинствен народ – македонскиот.

Неделава што помина, полна со празници, од денот на Свети Талалеј, преку денот на светите Константин и Елена, најголемиот ден за муслиманите – Бајрам, па се до денот на Вознесението на Господ Исус Христос  – Спасовден, нека биде недела на чудата, недела кога и слепите ќе прогледаат и глувите ќе прослушаат и заблудените ќе се освестат. Недела на пораки што го покажуваат патот по кој треба да се движиме, како поединци, како народ, како држава.

Првите две пораки ни ги испратија ракометарите на Вардар, хероите на црвено-црната бајка, шампионите на Европа кои, прво, докажаа дека патот до успехот води само и само преку заедништвото и сплотеноста, преку взаемно почитување на секој со секого. Па, бевме сведоци како прегрнати, без лицемерии, туку искрено и од срце, стојат еден до друг Србин и Хрват, Македонец и Словенец, Русин и Германец, Латвиец и Русин… Моќна порака испратена до сеачите на омраза во светот, но и во Македонија. Второ, докажаа дека упорноста, желбата, посветеноста, вербата во успех и во сопствените можности се вистинскиот и, можеби единствениот пат до успехот. Дека волјата, а не парите, дека срцето, а не конформизмот, дека припадноста, а не отуѓеноста, се основните двигатели на човечкото постоење. Ова им го порачаа на младите чии херои се, на политичарите чии примери треба да бидат и на нацијата и државата кои треба да ги следат. Нација и држава чие име со љубов, со почит, со гордост и со благодарност го изговараа – Македонија и Македонци.

Вторите две пораки ги испратија навивачите, оние кои живееја за нив и со нив, чии срца подзастануваа кога на нашиот Вардар не му одеше, но кои не се откажуваа од него и кога изгледаше дека е поразен. Сите оние кои по странски телевизии, портали и на не знам какви се начини се снаоѓаа да го следат својот Вардар и да го дочекаат неговиот триумф. Тие заеднички пораки, во татнеж, во името на сите нас, ги испратија оние најверните, оние најзагрижените, оние со чисти срца полни со љубов за Вардар и за Македонија – “Комитите“.

Во името на сите нас порачаа дека се горди и достоинствени Македонци чии срца се најголеми на светот и дека во нив има место и за  217 сантиметри високиот Кристопанс и 130 килограми тешкиот Стоилов и ситниот Дибиров и смирениот Парондо и шмекерот Караџиќ и …дека има место за сите од црвено црното чудо, без разлика дали доаѓаат од Србија, Хрватска, Германија, Словенија, Русија… Вистинска македонска порака од најчистите македонски души.

Па порачаа дека тие самите ги бираат своите херои, ги бираат според вистинските вредности, според сработеното и направеното, а не лажно претставеното. Ги бираат од срце, а не наметнато од страна, ги бираат оние од првото, а не од осмото (или седмото) место. Па, си ја избраа и својата “икона“ – “играчот со број 5“.

И им порачаа на сите оние со погани јазици, на сите платени сеачи на омраза, кои со денови ги провоцираа и навредуваа, ги прикажуваа како она што не се, како хулигани и криминалци, како платени протестирачи, како се погано што нивната удбашка пропаганда можеше да го смисли, им порачаа дека тие растеа со своите херои како што беше и Артим Шаќири, дека го носеа на раце и му пееја песни, како што денес им пеат на Стојанче Стоилов, Караџиќ, Дибиров… порачаа дека нивните херои ја заслужуваат нивната љубов со она што го сториле за Вардар и за Македонија, а не со националната припадност. Вистинска македонска порака од најчистите македонски души. А, оние платените сеачи на омраза, кои заради уште некој месец на власт на отуѓената елита како нивен ментор, се обидуваат да оцрнат се што е македонско, за жал, се континуитет во своето слугување кон туѓите центри,од 45 – та до денес. Од Белград до Брисел.

Најсилната порака од “Парадата на македонската гордост“, од плоштадот “Македонија“, онаа порака која ја чу целиот свет, беше пораката од грлата на играчите, навивачите, присутните на прославата, но и оние кои  не можеа да бидат таму, порака испратена во еден глас – никогаш северна, само Македонија! Од грлата на Шпанецот, Русот, Србинот, Хрватот… од грлата на коментаторите на Арена спорт, од грлата на целиот македонски народ, а во името на сите онеправдани народи ширум светот. И се додека таа порака татни со стократен екот, Македонија е жива.

Но, наспроти сите македонски пораки што ги испративме во оваа недела на чудата, добивме и повратна порака во вид на шлаканица, за навистина и слепите да може да видат и глувите да чујат и измамените да се свестат. Добивме порака од госпоѓа Могерини дека никој не барал од нас да се самоизбришеме како народ и како држава, заради толку посакуваното членство во ЕУ, туку дека тоа бил услов само заради насилно втурнување на државава во воената НАТО организација. Нешто на што со години наназад сите кои размислувавме со сопствен ум, предупредувавме. И уште, дека,за жал, нема да го добиеме, лани добиениот датум за отпочнување преговори со ЕУ. Што би рекла, низ солзи, една пратеничка, една од оние 81 кои учествуваа во срамниот чин на самоукинување – што ќе правиме сега без датум, а си ги продадовме идеалите.

Е токму тие, идеалите, немаат цена и никогаш не се продаваат. Заради нив, заради идеалите, Французите ја започнаа “Револуцијата на жолтите елеци“. Заради идеалите, што, ете, тие ги продале, ние Македонците ја започнуваме својата “револуција“ – “Револуција на црвено – црните маички“.

П.С.

До сите оние кои продолжуваат да ги оцрнуваат, навредуваат и напаѓаат “Комитите“, една порака. Мојот син е член на “Комитите“ и јас со гордост, во црвено-црната маичка, со црвено-црното знаме го испратив на “Македонската парада на гордоста“ на плоштадот Македонија. Ајде вие, во скапите продавници за брендирани чевли со високи потпетици, мрежести чорапи и чипкасти гаќички, па испратете ги вашите синови на вашата парада на гордоста.

(Авторот е претседател на МААК)