Грците умеат скапо да (се) продадат и евтино да (не) купат. И умеат да го ценат тоа што е нивно или се убедени дека е нивно. Тие се борат и за идентитетот на кафето, а ние што поблиску да ги постелиме крпите до морето

Македонското достоинство по најниска цена се продава на грчкиот пазар, а понекогаш цената е колку едно гиро или порција суфлаки. Така е уште од времето кога имаше митинзи за грчка виза пред конзулатот во Скопје, па зградата повеќе наликуваше на верски отколку на дипломатски храм, пред кој гордо се строеја, дури и ноќеваа, мноштво Македонци дојдени на аџилак и на поклонение за парче хартија со грчко писмо.

Цената на македонското достоинство е убедливо најниска од јуни до септември. Тогаш од цела Република Македонија тргнуваат „иредентисти“ да го „освојуваат“ Егејско Море со евра, а некои дури и Јонско. Од освојувачкиот поход сите се враќаат со потемнет тен, некои со потемнет автомобил или со тетоважи на него, со понижувачки налепници на „МК“ и со потрошени евра.

Токму сега почнува сезоната кога цената на нашето достоинството паѓа на надморска височина колку нивото на Егејско или Јонско Море, период кога е поголено задоволство стомакот да биде полн со гиро или суфлаки отколку што имаш во душата. Нема дилеми дека Грците се добри трговци и умеат скапо да (се) продадат и евтино да (не) купат. И умеат да го ценат тоа што е нивно или се убедени дека е нивно. Како, на пример, кафето увезено од Бразил, кое ние го викаме турско, а во Грција и тоа е грчко. Тие се борат и за идентитетот на кафето, додека ние се бориме поблиску да ги постелиме крпите до морето…

Рано наутро, на изгрејсонце, застанавме со колата во кафеанче или ресторан на пат кон Халкидик. Првпат одев во Грција оти имав клетва дека нема да застанам пред храмот во Скопје и да чекам за виза. Кога дојде девојката да не послужи, некој нарача капучино, друг макијато, а јас по навика „туркиш кофи“. Со тоа несвесно, и без никаква намера, го предизвикав првиот инцидент.

Девојката ме погледна попреку и ме „послужи“ со остар тон: „Но туркиш кофи, но туркиш… грик кофи, грик кофи…“ И веднаш ме принуди на компромис. Во ред, реков, грик кофи, ама средно! Но, таа не го прифати компромисот. Ми донесе црно кафе, но не компромисно средно, туку без ич шеќер, но со шеќер и лажичка сам да си дозирам.

И само што испив две-три голтки од кафето, за чиј грчки идентитет девојката остро преговараше, дојде средовечен маж и на бугарски ме праша: Што негодуваше девојката, има некаков проблем? Реков дека нема и го објаснив „меѓународниот спор“ околу името на кафето. Човекот се насмеа и кажа дека тој бил газда на локалот.

Тоа беше моето прво турско или прво грчко кафе во Грција. И неговиот вкус никогаш не се заборава, ниту девојката која ќе ја почитувам засекогаш. Таа ми покажа како и келнер се бори за името и идентитетот дури и кога станува збор за турско кафе со потекло од Бразил или од Африка, а камоли за идентитетот и името на посуптилни производи на природата, како што се, на пример, луѓето.

Ми се допаѓа и го сакам Егејско Море. Тоа е топло и убаво. Тогаш бев првпат и уште еднаш следното лето. За волја на вистината и двете лета не доживеав некоја „златна зора“, но постојано и насекаде го носев чувството дека сум на гости кај луѓе кај кои не сум добредојден, со чувство дека со свои пари си купувам понизност и страв. И тогаш им реков фала на гостопримството и кафе почнав да пијам попатно кон други мориња. И, по „инцидентот“ на Халкидики, веќе, не само во Грција, туку и попатно кон другите мориња, не пијам „туркиш кофи“ туку надвор од Македонија исклучиво само еспресо…

Сега пак сме на почетокот од сезоната на вести во медиумите за изгребани коли со македонска регистрација, за „уметнички дела“ со спрејови за спомен од Грција… Нормално ги дознаваме само тие што се објавуваат во медиумите, а многу остануваат и непубликувани. А и не е веќе вест дека некој бил понижуван во Грција поради тоа што е Македонец или автомобилот му е со македонска регистрација, дека непознати сторители му испишале погрдни зборови… Не е вест нешто што често се случува, а пак вести за понижувачките гребаници во македонската душа и воопшто не се објавуваат.

Но, на Грците не треба да се лутиме. Тие се добри и вешти трговци и умеат со нашите евра да ни обезбедат во секое време и насекаде чувство на понизност. Тие дури и во графата на гости, иако сме меѓу најбројните, не сместуваат во „други“. А ние, чудесно, но ете уживаме во тоа да одиме на гости таму каде што не есапат колку порција суфлаки или гиро. Но, за вкусот на задоволствата не треба да се разговара оти за некого и мазохизмот е уживање!

Димитар Грумар