Страшо АНГЕЛОВСКИ

Додека десеттина милиони мигранти веќе ја преминаа јужната граница и влегоа во САД, а уште неколку милиони чекаат тоа да го сторат, гонети од сиромаштија и желба за подобар живот; додека илјадници мигранти секојдневно влегуваат во државите од ЕУ, гонети од страдањата во нивните колонизирани држави; додека дваесеттина илјади цивили, претежно жени и деца веќе загинаа во израелската агресија врз Газа, а на останатите им се заканува хуманитарна катастрофа од невидени размери; додека во Украина се води навидум бесмислена војна меѓу два блиски народи; додека човештвото страда на сите точки на земјината топка, либералните политичари, токму од ЕУ и САД, се пазарат за своите интереси, а стока за пазарење се страдалниците и мачениците за нив видливи само како бројки. Страдалниците и мачениците од јужната граница на САД, оние од колонизираните африкански држави, Палестинците кои полека но сигурно го доживуваат веќе видениот холокауст, Украинците кои ги губат животите и државата во туѓа војна, онаа на НАТО против Русија…

Па, администрацијата на Бајден ќе се пазари со републиканските конгресмени да ја зајакне контролата на јужната граница и да го заостри односот кон мигрантите во замена за гласање што поголема финансиска помош за натамошно разгорување на војната во Украина. Ќе се пазари со маката на мигрантите за маката на Украинците. Нормално, за да остане на власт и да овозможи натамошно енормно богатење за себе и, посебно, за оние од сенка, оние еден промил од светското население кои поседуваат 90 проценти од светското богатство. Ќе се пазари со страдањата на Палестинците во појасот Газа, но и насекаде на палестинските територии за уште малку власт и уште малку пари.

За да ни биде појасно за што станува збор, ќе го споменам AIPAC (American Israel Political Action Committee), организација која се претставува како национално движење на произраелските американци. Тоа е организација која гради двопартиска поддршка за американско- израелските односи. Поточно речено, организација која “купува“ политичари за да работат во интерес на израелската политика и израелската држава. Според нивната објава, AIPAC само на изборите во 2022 година “поддржала“ 365 произраелски демократски и републикански кандидати за конгресмени, со повеќе од 17 милиони долари во директна “поддршка“. Тоа, според нив, претставува повеќе директно дадени средства на кандидатите за конгресмени од која било друга организација и, дури 98 проценти од “поддржаните“ кандидати победиле во изборната трка.

После ова, секому треба да му биде јасно зошто “поддржаните“ пазарџии од официјален Вашингтон упорно во ОН гласаат против сите Резолуции за прекин на огнот во Газа и зошто, наспроти обичната човечка поддршка за мир, упорно инсистираат на продолжување на геноцидната израелска агресија врз Газа. Вака гледано, може да се разбере и упорното дотурање пари и оружје на режимот во Киев од страна на истите политичари пазарџии, наместо обична, човечка заложба за мир.

НЕКОГАШ И 26 Е ЕДНАКВО НА 27

Се сеќаваме како години наназад упорно од Република Македонија се бара да се самоукине, а од македонскиот народ да си го избрише идентитетот и историјата заради влез во “елитното цивилизациско друштво“, како што сами си се нарекуваат претставниците на ЕУ. И сето тоа заради наводното противење на официјална Атина и официјална Софија, а всушност “француски предлог“ за запечатување на одлуките од Букурешт од 1913 година. Бидејќи, според нивното веќе досадно повторување, за секоја одлука, посебно за започнување пристапни преговори со Унијата, задолжителни се сите 27 гласа од земјите членки. Згора на тоа, земјата кандидат, барем до сега, мора да ги има решено сите спорови со соседите. Па, измислија спор со Атина за нашето вековно име, па измислија спор со Софија за нашиот јазик и историја…

И, одеднаш, пред неколку дена, тие истите, оние “елитни“ измамници, открија дека Алберт Ајнштајн бил во право со својата Теорија на релативитет. Па, носејќи одлука со 26 гласа за започнување преговори за членство со Украина, му докажаа на светот дека дури и егзактното може да биде релативно и, дека некогаш и 26 може да биде еднакво на 27. Без согласноста на Унгарија, зашто, нели, Виктор Орбан во моментот пиеше кафе, “елитниве“ измамници бесрамно насмеани, со глас помалку, за што, со години не убедуваат нас дека е невозможно, решија да започнат преговори со Украина.

Притоа, забораваат на условите за решавање на сите спорови со соседите, забораваат на владеење на правото, забораваат на добрососедството, забораваат на демократизација на општеството… Едноставно, во нивните измамничко-пазарџиски умови повеќе нема место за сето тоа, едноставно, се’ се престори во долари и евра кои ќе ги добијат за своето гласање. ( Да не заборавиме дека госпоѓата фон дер Лајен, на пример, има личен салон за убавина во својата европска канцеларија за што, додека германската економија се бори за здив, таа, од парите на своите даночни обврзници, плаќа неверојатни 140.000 евра).

Па наеднаш, заборавија дека Украина се наоѓа во војна токму со еден свој сосед, дека има нерешени територијални прашања со сите останати свои соседи како Полска, Унгарија, Романија, дека е, во моментов, држава со најголем степен на корупција во светот (за жал, заедно со Македонија), дека правото и демократијата се мислена именка, дека малцинските права, како право на користење на мајчиниот јазик и слобода на вероисповест се забранети со нацистички методи, дека… Во сета оваа трагедија делува смешно ваквата одлука доколку се запрашате дали Украина ќе ги започне преговорите без регионите кои во моментов се наоѓаат во состав на Руската Федерација, или заедно со нив? Дали во вториот случај, преку тие региони нема да започне преговори и со Руската Федерација?

Нормално, први кои потрчаа да ја поздрават ваквата карикатурална одлука, беа токму македонските “пазарџиски“ власти. Наместо, да кажат барем еден збор за неправдата кон Македонија, за непринципиелноста во носењето на одлуките со глас помалку, за дискриминацијата кон нашиот народ, тие побрзаа да се свиткаат што повеќе во кичмата, да клекнат што попонизно на сите четири и, дури и пред да ги чујат “елитните“ измамници, да ја правдаат неправдата, да го честитаат неморалното, да се согласуваат со карикатуралното.

За жал, што можеме и да очекуваме од луѓе инсталирани насилно на власт, освен, со своето упорно виткање на кичмата до неподносливи граници и со перманентно коленичење веќе со години, да се обидат да ја сопрат, па дури и да ја вратат човековата еволуција милиони години наназад, кога човекот се’ уште се движел на сите четири и се мачел да се исправи. Овие, дури ни тој напор не сакаат да го направат, да се помачат барем малку да се исправат.